• сабота, 16 ноември 2024

Конференција за економски развој и социјална инклузија во Србија и Северна Македонија: Граѓаните мора да размислуваат за заеднички поширок пазар

Конференција за економски развој и социјална инклузија во Србија и Северна Македонија: Граѓаните мора да размислуваат за заеднички поширок пазар
Скопје, 30 септември 2022 (МИА) - Постои културолошкиот образец во (не)прифаќањето на ставовите кон претприемништвото и правењето пари, особено за средните и постарите генерации од Северна Македонија и Србија и ставот кон (не)планирање на секоја следна активност. Граѓаните од двете држави мора да размислуваат за менаџмент, финансиска писменост, за заеднички поширок пазар, за солидарност и како да се бодрат едни со други. Ова го покажува „Мапата на екосистемот на социјалната економија“, изработена во рамки на прекуграничниот проект „Социјални претпријатија за економски развој и социјална инклузија”, кој го спроведува во партнерство на здруженијата „АРНО“ од Северна Македонија, Оптимист од Република Србија и Tраг фондација (координатор). Претставници на локални и национални чинители, социјални претприемачи и граѓански организации кои делуваат во полето на социјалната инклузија и социјалната економија од двете земји вчера во Лесковац во Србија разговараа и разменија искуства за развој и поддршка на социјалните претпријатија од регионот, во рамки на првата конференција за промоција на овој прекуграничниот проект. -Граѓаните од двете држави мора да размислуваат за менаџмент, финансиска писменост, за заеднички поширок пазар, за солидарност и како да се бодрат едни со други, изјави координатор на проектот од АРНО Јасмина Саид. Директор на програма за донации од Траг фондација, Наталија Симовиќ на конференцијата испрати апел сите граѓани кои имаат идеја или веќе започнат мал, социјален или зелен бизнис да аплицираат на тековниот повик кој е отворен за граѓаните од прекуграничните региони и ќе трае до 10-ти октомври. На панелот насловен како „Развој и поддршка на социјалното претприемништво во Србија и С. Македонија“ учествуваа македонски и српски експерти - Барбара Садовска, претседател на фондацијата „Барка“ од Полска и тим лидер на проектот „Поддршка на социјалните претпријатија во Северна Македонија“, Драган Среќковиќ од Коалиција за развој на солидарната економија во Србија, Ирина Јаневска од АРНО, Северна Македонија и Мирољуб Николиќ од Каритас Шабац и Секцијата за социјално претприемништво во Србија. Во рамки на овој панел се дискутираа законските рамки, локалните и европски искуства и можните предизвици со кои би се соочиле двете држави. Во вториот панел „Успешни приказни на социјалните претпријатија - креатори на промени во Србија и Северна Македонија“ обраќања имаа Предраг Стошиќ од социјалното претпријатие  „Radanska ruža“ од Лебане-Србија, Дејан Стојановиќ „ IN VIVO“  од Скопје, Ханс-Јерг Хамер од „БиоБалкан“- Австрија и Гордана Родиќ-Китановска од „SIEC“ од Скопје. Проектот „Социјални претпријатија за економски развој и социјална инклузија“ се спроведува во партнерство на здруженијата „АРНО” од Северна Македонија, „Оптимист“ од Република Србија и Tраг фондација (координатор) финансиран од Европската унија преку Секторот за договарање и финансирање на програми од средства на ЕУ на Министерството за финансии на Република Србија (ИПА 2 програма за прекугранична соработка Република Србија-Северна Македонија 2016-2020).бт/аа/

Остани поврзан