• среда, 26 февруари 2025

Дигитализацијата е клучна за модерно функционирање на комуналните претпријатија, потребни координирани напори и иновативни решенија

Дигитализацијата е клучна за модерно функционирање на комуналните претпријатија, потребни координирани напори и иновативни решенија

Скопје, 25 февруари 2025 (МИА) - Дигитализацијата е клучна за модерно функционирање на јавните комунални претпријатија, а со тоа и подобри услови за граѓаните. Сепак, патувањето низ дигиталната трансформација е сложено и бара координирани напори на повеќе сектори и дисциплини, а потребни се и иновативни решенија и заедничко делување. Ова беа дел од пораките од денешната конференција што се одржа во Скопје на тема „Дигитална трансформација на јавните водоснабдителни услуги", на која се одбележаа достигнувањата во дигитализацијата на овие услуги.

Конференцијата е организирана од Асоцијацијата на даватели на комунални услуги во Северна Македонија (АДКОМ) како дел од тригодишен проект, финансиски поддржан од Германската влада и Македонски Телеком, а имплементиран во соработка со Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), АДКОМ и Македонски Телеком.

Како што соопштија организаторите, на настанот биле претставени постигнувањата во дигитализацијата на водоснабдителните услуги во рамки на проектот, кои се во корист на граѓаните и комуналните претпријатија и се дел од пошироката цел на земјата да стане целосно интегрирано е-општество.

- Управувањето со водите е егзистенцијално прашање, особено имајќи ги предвид предвидувањата за климатските промени на Западен Балкан. Германија го препознава потенцијалот на технологијата во решавањето на овој предизвик, и нашата соработка со Македонски Телеком, во рамките на програмата за јавно приватно партнерство DeveloPPP, има токму за цел да ги унапреди дигиталните решенија за ефикасно водоснабдување во Северна Македонија. Овој проект ја покажува нашата посветеност за поддршка на одржливи практики за управување со водите во регионот преку иновативни технологии, посочил заменик амбасадор на Сојузна Република Германија, Јан Аксел Фос.

Претседателот на АДКОМ, Раско Чочков напоменал дека дигитализацијата е клучна за модерно функционирање на јавните комунални претпријатија и дека е изработена петгодишна стратегија за дигитална трансформација на јавните комунални претпријатија. 

На конференцијата биле презентирани иновативни решенија од тековните проекти за дигитална трансформација. Еден од најголемите резултати е инсталирањето на 1000 паметни водомери во четири пилот општини: Крушево, Дојран, Радовиш и Кавадарци.

Овие водомери собираат податоци во реално време за потрошувачката на вода, кои потоа се испраќаат на централна дигитална платформа достапна за јавните комунални услуги. Исто така, направени се студии за водоснабдителните мрежи кои вклучуваат ГИС регистар на основните средства и хидраулички модели на мрежата во Радовиш, Дојран и Крушево.

- Паметните водомери се чекор напред и пример кој може да се аплицира во многу повеќе сфери од јавните услуги, изјавил главниот комерцијален директор за деловни корисници на „Македонски Телеком“, Марјан Богатиновски. бт/бак/

Фото: Германско друштво за меѓународна соработка (GIZ)

Остани поврзан