• недела, 23 февруари 2025

Конститутивна седница на Комисијата за одликувања и признанија

Конститутивна седница на Комисијата за одликувања и признанија

Скопје, 16 јануари 2025 (МИА) - Комисијата за одликувања и признанија денеска ја одржа конститутивната седница, на којашто присуствуваше и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

На седницата, како што информираат од Кабинетот на Сиљановска-Давкова, членовите на Комисијата изразиле благодарност за честа и довербата да учествуваат во вреднувањето и изборот на личности и институции што оставиле длабок печат и неизбришливи траги во македонското општество.

- Претседателката Сиљановска-Давкова изрази задоволство за прифатеното членство, потенцирајќи дека во номинацијата се раководела од нивното врвно знаење, работа и дострели во различни области. Таа им посака плодна и успешна работа во препознавањето и наградувањето на најдобрите. Во разговорот, претседателката изрази цврста увереност дека докажани и афирмирани личности како нив умеат да ги препознаат носителите на вистинските достигнувања и соодветно да ги наградат, се вели во соопштението од Кабинетот на Сиљановска-Давкова.

Со одлука на претседателката Сиљановска-Давкова, за претседател на Комисијата е именуван проф. д-р Валентин Мирчески, а за членови на комисијата се именувани проф. д-р Гзиме Старова, д-р Самуел Садикарио, д-р Андријана Јаневска, м-р Ана Дурловски, м-р Решат Амети, м-р Гена Теодосиевска, Дејан Георгиевски, Жарко Башески, Оливера Наковска-Бикова и Весна Петрушевска. аа/сст/

Фото: Кабинет на Претседател

  

Остани поврзан