Конституиран новиот Совет на општина Гостивар, попладне и првата работна седница
- Откако им беа верифицирани мандатите на избраните советници и со давање свечена изјава се конституира новиот Совет на општина Гостивар. За претседавач е избран Валдет Џафери, кој доаѓа од редовите на коалицијата Национална алијанса за интеграција.
Гостивар, 14 ноември 2025 (МИА) – Откако им беа верифицирани мандатите на избраните советници и со давање свечена изјава се конституира новиот Совет на општина Гостивар. За претседавач е избран Валдет Џафери, кој доаѓа од редовите на коалицијата Национална алијанса за интеграција.
Тој во изјавата по изборот напомена дека ќе ја има поддршката од останатите членови на Советот и дека, како што нагласи, без оглед на политичка, етничка припадност ќе работат заедно во интерес на градот и граѓаните.
По последните локални избори, бројноста на членовите на Советот на општина Гостивар се намали за осум, односно од 31 на 23 советници.

Меѓу првите честитки за изборот и конституирање на Советот стигна и од в.д. градоначалникот Ваљбон Лимани, во која им порача при носењето на одлуките да покажат единство, а дебатите кои ќе се водат да бидат конструктивни и во интерес на граѓаните и општината.
По изборите, мандати во гостиварскиот совет освоија: Коалицијата предводена од СДСМ 1, Демократската партија на Турците во Македонија (ДПТМ) 2, Коалицијата ВРЕДИ 3, Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО – ДПМНЕ 5 и Коалицијата НАИ 12.
По конститутивната, новиот состав на Советот попладнево ќе ја одржи и првата седница. На дневен се ред се развојната програма за наредната година и ребаланс на буџетот по што ќе се знае како партиите ќе коалицираат и ќе ги поддржуваат политиките на локалната власт. Во Гостивар изборите за градоначалник не успеаја бидејќи за 22 гласа не беше постигнат цензус, а Владата планира да постави „повереник“ кој ќе раководи со општината до одржување на нови избори за градоначалник. згм/мд/
фото: МИА