• среда, 25 декември 2024

Конкурс за наградата за необјавена поетска книга „Антево перо“

Конкурс за наградата за необјавена поетска книга „Антево перо“

Скопје, 11 април 2023 (МИА) - Отворен е конкурсот за доделување на наградата „Антево перо“ за 2023 година, востановена во чест на творештвото на бардот на современата македонска поезија, Анте Поповски. Наградата се доделува како исклучително македонско поетско признание за необјавена поетска книга/ракопис.

Како што соопштија од Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски „Антево перо“ кое го распишува конкурсот, на истиот може да се пријават сите автори кои имаат необјавен поетски ракопис на македонски јазик, без разлика на националноста, возраста, литературниот „стаж“ или државата во која живеат.

Наградата се состои во непрофитно објавување на поетскиот ракопис, со назнака на името на наградата на корицата од книгата, и со отстапување на комплетниот тираж (300 примероци) на авторот.

Од Здружението посочија дека книгата ќе биде квалитетно претставена и промовирана со посебен осврт од наш истакнат литературен творец во рамките на Meѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски - Антево перо“.

Пристигнатите ракописи ќе ги разгледува тричлена Комисија, во состав на Весна Мојсова- Чепишевска, универзитетски професор, писател и книжевен критичар, д-р Атина Цветаноска, книжевен истражувач и Жорж Поповски, новинар, член на семејството на Анте Поповски. Третиот член, има право на вето на одлуката на Комисијата, доколку смета дека делото кое Комисијата сака да го награди е под достоинството на поетското творештво на Анте Поповски, или го навредува јавниот и естетскиот вкус.

-Ракописите треба да бидат напишани во Times New Roman, фонт 12 и да бидат испратени во електронски формат pdf или word на електронската адреса: antevopero@gmail.com заклучно со 31 јули 2023 година. Кандидатите можат ракописот да го достават под свое име и презиме, или под шифра. Во вториов случај, авторството го докажуваат со копија од ракописот, по објавувањето на резултатите. Комисијата својата одлука ќе ја соопшти кон крајот август 2023 година, се наведува во соопштението на Здружението.бт/са/

Остани поврзан