• среда, 20 ноември 2024

„Конкурентна ПЛАТА“ - водич за поголема конкурентност и продуктивност на компаниите

„Конкурентна ПЛАТА“ - водич за поголема конкурентност и продуктивност на компаниите
Скопје, 21 септември 2022 (МИА) - Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) го изготви водичот „Конкурентна ПЛАТА“ - прв продукт од истражувањето на плати, додатоци и надоместоци што ги отсликува спецификите на домашниот пазар. Според претседателката на ОРМ, Владанка Трајкоска, задоволството на вработените директно влијае врз продуктивноста на компанијата. -Преку „Конкурента ПЛАТА“ компаниите можат да ги искористат информациите и податоците како основа во креирањето на системите за валоризирање на вработените со што ќе обезбедат нивната компанија да биде конкурентна на пазарот на работна сила, вели Трајкоска. Во годинашното истражување учествуваа 17 претпријатија (мали, големи и средни) од 10 различни сектори, а беа обработени податоци за 671 работно место. -Врз база на проценките, компаниите имаат основа со поголема сигурност да ги креираат системите за наградување на вработените обезбедувајќи конкурентни плати на работната сила, а истовремено и одржлива продуктивност за компанијата. Кога ќе се земе предвид дека пазарот на трудот постојано се менува, работните позиции се повеќе се сегментираат, ваквите истражувања бараат поголема бројка на испитаници. Се надеваме дека нашето учество во Истражувањето на плати, надоместоци и додатоци ќе им помогне и на останатите компании кои се во потрага на прецизни мерливи информации во креирањето на системите за наградување на вработените обезбедувајќи конкурентни плати на работната сила, истакнуваат од ЛТХ Леарница ДООЕЛ, компанија учесник во истражувањето. Истражувањето, дополнува ОРМ, дава можност за споредба на компаниите со својата конкуренција за платите, додатоците и надоместоците, користејки реални информации. -Преку статистичките споредби и мноштвото податоци, компаниите стекнуваат увид за тоа како се позиционирани на пазарот на труд во однос на останатите компании од повеќе индустриски гранки и сектори, како и во гранката во која самите стопанисуваат. На овој начин, компаниите ја стекнуваат основата за остварување конкурентска предност преку својот човечки капитал, како најзначаен ресурс во 21 век, наведува ОРМ. Од Мермерниот комбинат АД Прилеп велат дека одлучиле да се приклучат кон истражувањето за да се уверат дека нивните плати и систем на наградување се конкурентни во споредба со слични компании по организација и големина во регионот во кој работат. -Ова истражување ни помогна да согледаме дали на некои позиции треба да направиме корекции на платите со цел да бидеме поконкурентни на пазарот на труд и да согледаме каде треба да се позиционираме со цел да немаме проблем со одлив на кадри и таленти, нагласуваат од компанијата. Според Еуроникел Индустри, изминатите неколку години настана целосна промена на пазарот на трудот, побарувачката значајно се зголеми, а понудата се намали. -Меѓу најдоминантните причини се квалитетот на образованието, видот на образование, односно какви профили бараат работодавачите, а какви избори прават новите генерации и секако растечката миграција кон западните општества. Токму заради ваквата поставеност на факторите на пазарот на трудот, за работодавачите станува потешко да ги лоцира и регрутира, а потоа соодветно да ги плати, награди, мотивира и задржи своите вработени. Од истите причини учествувавме со свои податоци во Истражувањето и сметаме колку повеќе работодавачи ќе се вклучат, толку порелевантна ќе биде самата анализа и ќе ни помогне на сите постојано да креираме компетитивен систем на вреднување на трудот, кој е еднакво корисен и за работодавачите и за вработените, изјавуваат од Еуроникел Индустри. Истражувањето „Конкурентна ПЛАТА“ e спроведено со поддршка на Меѓународната организација на труд (МОТ), како дел од проектот финансиран од Европската Унија за зајакнување на социјалниот дијалог во земјата и на постојаните заложби кои МОТ. Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) претставува повеќе од 1 000 претпријатија со над 72 000 вработени на ниво на целата држава. ОРМ својот фокус го држи на теми од интерес на работодавачите поврзани со образование, инфраструктура, општествена одговорност, безбедност и здравје при работа, трудова и социјална легислатива, оданочување, инвестирање, казнена политика и кредитирање. мч/дма/

Остани поврзан