• сабота, 23 ноември 2024

Конго прогласи крај на епидемијата од ебола

Конго прогласи крај на епидемијата од ебола
Бразавил, 25 јуни 2020 (МИА) - Конго денеска прогласи крај на епидемијата на ебола, втората најсмртоносна болест во историјата. За помалку од две години, од ебола во источниот дел на Конго починаа 2.280 луѓе. Конго и натаму се соочува со големи здравствени предизвици, меѓу кои најголемата светска епидемија на мали сипаници, се поголемата закана од коронавирусот и новата епидемија на ебола во северниот дел на земјата. Светската здравствена организација планираше да прогласи крај на епидемијата на ебола во источен Конго во април, но три дена пред очекуваната декларација се појавија три нови жаришта на заразата. Поради тоа прогласувањето на крајот на епидемијата се случи по 42 дена.
Епидемијата, која започна во август 2018 година, претставуваше предизвик без преседан за Светската здравствена организација, Министерството за здравство на Конго и меѓународните хуманитарни групи, бидејќи тоа беше прва епидемија на ебола во зоната на конфликтот. Присуството на вооружени групи претставуваше толкав ризик што вакцинациите можеа да ги извршуваат само мали екипи кои пристигнуваат со хеликоптер. Но, најголемиот дел од ризикот за здравствените работници го претставуваше локалното население, претежно гневно од присуството на странците и количината потрошени пари за ебола, додека значително повеќе луѓе умираа од долгорочни причини за смрт, како што е маларијата. Неколку години претходно, повеќе од 11.000 луѓе починаа од ебола во Западна Африка, бидејќи во тоа време немаше лиценцирани вакцини или третмани за лекување на инфекцијата. До избувнувањето на еболата во источен Конго, направени се две експериментални вакцини против болеста. паг/

Остани поврзан