Комплетно реновиран објектот на армиската Гарда и на Баталјонот за поддршка на Генералштабот и гарнизонот Скопје
- Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска денеска ја посети касарната „Илинден“, каде изврши обиколка на реновираниот објект на армиската Гарда и на Баталјонот за поддршка на Генералштабот

Скопје, 13 март 2021 (МИА) - Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска денеска ја посети касарната „Илинден“, каде изврши обиколка на реновираниот објект на армиската Гарда и на Баталјонот за поддршка на Генералштабот и гарнизонот Скопје.
-Во период од помалку две недели ова е втор реновиран објект којшто го отвораме во касарната „Илинден“. Се работи за реконструкција, целосна, темелна на еден од објектите во касарната „Илинден“, каде што е сместена нашата гарда, како и единицата која што служи за логистичка поддршка на Генералштабот и на целиот гарнизон во Скопје, изјави Шекеринска.
Министерката истакна дека во изминатиот период се посветиле на подобрување на условите за работа, во кои не спаѓа само платата и надоместоците што ги примаат војниците и старешините во армијата, односно во целиот тој концепт на добро работно место, спаѓаат и условите за работа, условите за сместување на нашите армиски припадници и шансата која што ја добиваат повеќе да придонесат.
-Ова е веќе трет голем објект којшто го реновиравме целосно, се работи за објектот над 3.500 квадратни метри, што ќе овозможи и нашата гарда, и нашите логистичари да работат подобро, во подобри услов, да бидат поефикасни и да видат дека државата го цени нивниот труд. Во нашиот проект за реконструкција водиме сметка и за нешто што не е само интерес на Армијата, а тоа е и намалување на загадувањето и зголемување на енергетската ефикасност, посочи Шекеринска.
Таа додаде дека во секој проект што е започнат и завршен, повеќе од 20 проценти од средствата беа искористени за да се подобри енергетската ефикасност на зградите, бидејќи станува збор за згради во кои не е вложувано повеќе од 50 години, односно зградите се стари, изработени со стар материјал и стара технологија. Шекеринска посочи дека загубата на енергијата што била пристутна била и економски и еколошки проблем.
-Со вложувањето во новиве реконструирани згради, овозможуваме од една страна Армијата да работи во подобри услови, но овозможуваме Армијата и државата да ја штеди енергијата, да ја намали потрошувачката на енергија и да го намали согласно тоа и загадувањето. Енергетската ефикасност е политика која што ја води Владата во целина и енергетската ефикасност е еден од приоритетите во секој објект којшто целосно го реконструираме, изјави министерката за одбрана.
Шекеринска посочи дека главна цел е старите згради, што беа карактеристика на Армијата, поради историјата, поради приликите, една по една да заминуваат во историјата и да ги заменат нови, модерни, рекоснтруирани енергетски ефикасни згради.
На тој начин, додаде таа, инвестирањето во НАТО Армијата нема да биде инвестирање во воена опрема за војниците и старешините, туку ќе биде инвестирање и во подобар систем за одбрана и подобро функционирање на државата. ки/ац/



