Комисија за спречување и заштита од дискриминација: Недостапноста на јавниот превоз дискриминира повеќе групи граѓани
- Комисијата за спречување и заштита од дискриминација денеска соопшти дека во изминатиот период добива претставки од различни групи граѓани кои се жалат на дискриминација поради недостапноста на јавниот превоз во Скопје.
Скопје, 28 ноември 2024 (МИА) - Комисијата за спречување и заштита од дискриминација денеска соопшти дека во изминатиот период добива претставки од различни групи граѓани кои се жалат на дискриминација поради недостапноста на јавниот превоз во Скопје.
Во соопшението се наведува дека многу групи граѓани зависат од јавниот превоз за да ги остварат своите основни човекови права како правото на образование, движење, здравје, работа, пристап до добра и услуги и други.
- Недостапноста на јавниот превоз непропорционално повеќе засега одредени групи на граѓани како жени, млади луѓе и ученици, пензионери и други возрасни лица, Роми, луѓе што живеат во населби пооддалечени од центарот на градот. Особено е загрижувачка состојбата со јавниот превоз од населбата Шуто Оризари, каде повремено возат само приватни превозници, со што се врши дополнителна дискриминација врз основа на етничка припадност и раса, соопштија од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Изразуваат загриженост и за неможноста учениците да посетуваат настава, да го остваруваат правото на образование поради недостапноста на јавниот превоз, гарантирано со член 44 од Уставот на Република Северна Македонија, каде е наведено дека образованието е достапно на секого под еднакви услови.
Јавниот превоз, се подвлекува, има многу значајна улога во општеството и носи бројни економски, социјални, здравствени и еколошки бенефити. Преку јавниот превоз се промовира и зајакнува инклузивноста бидејќи тој овозможува сите луѓе да учествуваат во животот во градот и да ги остварат своите права. Со јавниот превоз се промовира независноста и мобилноста на граѓаните, се зајакнуваат социјалните интеракции и чувството на живеење во заедница. Клучна карактеристика на општества во кои има повисоко ниво на еднаквост е добро организиран, достапен и пристапен јавен превоз кој го користи голем дел од населението. Недостапноста на јавниот превоз ги продлабочува нееднаквостите на сметка на и онака помалку привилегираните групи во општеството.
- Исто така, недостапноста на јавниот превоз го зголемува користењето на приватните возила и ја зголемува фреквентноста во сообраќајот, што директно влијае на загадувањето на возухот и на оневозможување на правото за здрава животна средина. Согласно член 43 од Уставот секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и Републиката е должна да обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните за здрава животна средина, соопштија од Комисијата.
Од овие причини, од Комисијата апелираат до централните и локалните власти да ги остават настрана партиските интереси и итно да донесат долгорочни решенија за унапредување на достапноста и пристапноста на јавниот превоз. цр/aa/
Фото: МИА архива