• среда, 25 декември 2024

Комисиска расправа за избор на уставни судии, пратениците дискутираат за кандидатурата на Тања Васиќ Бозаџиева

Комисиска расправа за избор на уставни судии, пратениците дискутираат за кандидатурата на Тања Васиќ Бозаџиева
Скопје, 29 јули 2022 (МИА) - Комисијата за прашања на изборите и именувањата денеска ја продолжи расправата за предлозите за уставни судии. Пратениците расправаа за кандидатурата на Тања Васиќ Бозаџиева, вработена во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство. Комисиската расправа ќе продолжи по едночасовната пауза дадена од претседателката на Комисијата Марија Георгиевска.
Според пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Петрушевска, Васиќ Бозаџиева не е соодветен предлог за уставен судија и побара да се повлече нејзината кандидатура. Како што посочи, со биографија од две страници Васиќ не може да ги заштити човековите права на граѓаните.
- Госпоѓата Васиќ не е истакнат правник. Ги нема условите и критериумите кои што треба да ги поседува еден кандидат за член на уставен судија. Истата не може да ја зајакне, ниту пак да ја унапреди работата на Уставниот суд, ниту да ја штити уставноста на Република Македонија. Не може да ја подобри довербата на граѓаните во институциите, особено не во судството и затоа истата не може да добие подрршка да биде избрана за уставен судија. Васиќ би можела да биде солиден помлад соработник во некои од министерствата за јавна администрација, во некои техничко-логистичките служби на судовите, но во никој случај не би можела да биде уставен судија, оцени Петрушевска.
Членовите на Комисијата за прашања на избори и именувања досега го утврдија предлогот на владејачкото мнозинство актуелниот судија во Апелацискиот суд Скопје Фатмир Скендер да биде избран за уставен судија. Одбиен е предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, професорката од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје Родна Живковска да биде избрана за уставен судија.
Пратениците треба да ги разгледаат биографиите и на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, универзитетскиот професор Саво Климовски, судијата во пензија Бранко Секуловски, обвинителот Тодор Витларов, судијката од Управниот суд Весна Јовановска и Војислав Димовски, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид.
Уставниот суд во моментов работи без четворица судии на кои им истече мандатот, од предвидени девет судии. Во нецелосен состав е околу една година откако кон крајот на мај лани им истекоа мандатите на тројца судии – Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски. Кон средината на јануари годинава, пак, му заврши мандатот и на судијата Јован Јосифовски. фф/нд/

Остани поврзан