Кометата Неовајс се движи кон Земјата
- Новооткриена комета се движи кон Земјата, а набљудувачите ќе може да уживаат во прекрасно ноќно шоу, што се случува еднаш во 7.000 години
Хјустон, 13 јули 2020 (МИА) - Новооткриена комета се движи кон Земјата, а набљудувачите ќе може да уживаат во прекрасно ноќно шоу, што се случува еднаш во 7.000 години, соопшти НАСА.
Кометата Неовајс, најсветлата комета видлива од северната хемисфера последниве 25 години, влезе во орбитата на Меркур пред околу една недела. Близината на Сонцето и топлината направија нејзината опашка да биде уште подолга и уште посветла. Кометата со дијаметар од околу пет километри, ќе мине крај Земјата, а најблиску до нас ќе биде за околу две недели.
НАСА ја откри оваа комета во март. Нејзиното јадро е покриено со слоеви материјал кој датира од почетоците на нашиот Сончев систем, пред околу 4,6 милијарди години.
Џо Масјеро од НАСА истакнува дека ова е најсветлата комета видена од средината на 1990-тите досега. Астронаутите од Меѓународната вселенска станица веќе успеаја да ја разгледаат поподробно. Боб Бенкен од НАСА сподели и фотографија од неа. си/сд/