• четврток, 07 ноември 2024

Комерцијална банка воведува тактилни платежни картички за да им ги олесни услугите на слепите и слабовидни лица

Комерцијална банка воведува тактилни платежни картички за да им ги олесни услугите на слепите и слабовидни лица

Скопје, 15 април 2024 (МИА) - За да им го олесни пристапот до банкарски услуги на слепите и лицата со оштетен вид, Комерцијална банка а.д. Скопје воведе тактилни платежни картички. Тие ќе се разликуваат по форма зашто ќе имаат засеци од едната страна – заоблен кај дебитните и квадратен засек кај кредитните платежни картички.

Тактилни платежни картички т.е. препознатливи на допир ќе користат сите граѓани кои имаат картички издадени од Комерцијална банка. Замената е веќе почната и ќе се прави постепено.

Картичките беа промовирани денеска на прес-конференција на која новината ја соопшти Никола Џамбазовски, главен директор за продажба и развој и член на Управниот одбор на Комерцијална банка, во присуство на Жарко Селковски, претседател на Националниот сојуз на слепи на Република Македонија.

Џамбазовски истакна дека се особено горди на овој проект затоа што, рече, Комерцијална банка во континуитет се залага за инклузивност и еднакви можности на сите граѓани.

-Тактилните платежни картички овозможуваат поголема инклузивност и независност на слепите лица и лицата со оштетен вид во секојдневното користење на банкарските услуги и производи. Новитетот што Комерцијална банка прва го воведува ќе овозможи полесно идентификување и разликување на платежните картички од страна на овие лица, рече Џамбазовски, додавајќи дека ќе им овозможат бесплатна замена на картичките на сите слепи лица во наредниот период.

Посочи дека Комерцијална веќе им овозможува на слепите лица да се потпишуваат со факсимил наместо со своерачен потпис и им дозволува на своите вработени да бидат сведоци на финансиски трансакции на слепите лица наместо тие сами да бараат сведоци како што беше пред неколку години.  

Жарко Селковски, претседател на Националниот сојуз на слепи на Република Македонија, се заблагодари лично и во име на сите нивни членови за оваа и за сите претходни услуги што им ги  овозможува Комерцијална банка а.д. Скопје.

Покрај можноста за потпис со факсимил и трансакции без обврска да бараат сведоци, со што многу им се олеснил животот, посочи дека пред десетина години оваа банка иницирала и  интернет банкарство за што биле организирани обуки за членовите на Сојузот.

-И јас сум еден од тие корисници и многу ми е полесно со интернет банкарството и со апликацијата за говорна програма што ни е достапна. Без никакви проблеми можеме во секое време да правиме трансакции и да ги прегледуваме потрошените средства, имаме контрола на нашите трансакции. И други банки денес почнаа да го следат примерот на Комерцијална банка, но мислам дека и ден-денес таа е најдостапна за слепите лица во однос на овие услуги, истакна Селковски порачувајќи и другите банки да го следат овој пример.

Тој предложи во иднина да се размисли и за воведување говорни банкомати како што постојат во некои европски земји.

На новинарско прашање дали слепите лица во државава имаат некаква предност при закажување или за доаѓање до пунктовите за нови лични доклументи, Селковски одговори дека немаат посебен третман туку ја минуваат истата процедура како и сите граѓани кои во МВР се јавуваат и одат за нови документи по редовна постапка. хс/лв/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан