• среда, 27 ноември 2024

Комерцијална банка нема да коментира изјави на акционери на Стопанска банка Битола, од Пелистерка велат понудата за акциите е несоодветна

Комерцијална банка нема да коментира изјави на акционери на Стопанска банка Битола, од Пелистерка велат понудата за акциите е несоодветна

Скопје, 13 септември 2024 (МИА) - По вчерашната објава на „Пелистерка“, како акционер во Стопанска банка Битола, дека е несоодветна понудата на Комерцијална банка Скопје за акциите за преземање на Стопанска банка, денеска од Комерцијална банка изјавија дека нема да коментираат никакви изјави до завршување на законски пропишаниот рок. 

- Во согласност со законските прописи, Комерцијална банка објави јавна понуда за преземање на Стопанска банка Битола, во која се содржани сите важни елементи како што се понудената цена од 3.200 денари по акција, прагот на успешност од 67 проценти плус една акција од вкупно издадените акции и рокот за изјаснување на акционерите заклучно со 22.09.2024 година. Сите други информации се содржани и во придружниот Проспект кон Јавната понуда. Надвор од овие законски пропишани документи, Комерцијална банка нема ништо дополнително да додаде или да коментира никакви други изјави сѐ до завршување на законски пропишаниот рок, се вели во соопштението од Комерцијална банка. 

Оттаму нагласуваат дека оваа нивната понуда ќе биде прва, последна и единствена понуда за откуп на 100 проценти од акциите на Стопанска банка Битола. 

Од „Пелистерка“ како носители на 21,85 процент од акциите на Стопанска банка АД Битола, вчера оценија дека понудата од 3200 денари по акција не е ниту блиску до книговодствената вредност на акциите на банката утврдени со ревидираните финансии извештаи за 2022 година на 4789 денари, а за 2023 година на 4327 денари.

- Оттаму сметаме дека финансиската кондиција на Стопанска банка АД Битола, е исклучително поволна и понудета вредност од страна на Комерција банка за откуп на акциите не ја дава реалната слика за моменталниот, но и за идниот потенцијал на банката. Во јавно објавениот документ наречен „Проспект за преземање на Стопанска банка АД Битола“ се поместени извештаи од меѓународни ревизори кои само ги потврдуваат политиките на добро управување со Стопанска банка АД Битола, укажуваат на транспарентно и успешно работење во интерес на коминтентите и сите акционери. Во истиот документ понудувачот, Комерцијална банка наведува дека ефектот за нив доколку ги купат сите акции на Стопанска банка АД Битола, ќе изнесува 440 милиони денари односно консолидираната добивка за 2025 со што и самите укажуваат дека реалната вредност на акциите во моментов е далеку над 4000 денари по акција, посочија вчера од „Пелистерка“.

На 22 август, Комисијата за хартии од вредност (КХВ) донесе решение со кое на Комерцијална банка АД Скопје и издаде дозвола за давање понуда за преземање на Стопанска банка АД Битола.  Понудата за преземање се однесува на 390.977 обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола, кои претставуваат 100 проценти од основната главнина на  банката. 

-Согласно Понудата за преземање, а според Законот за преземање на акционерски друштва,  преземачот утврдил најмала количина на обични акции на кои се однесува понудата за преземање која треба да биде прифатена за понудата да се смета за успешна, односно понудата ќе се смета за успешна доколку биде прифатена од акционери кои поседуваат најмалку 261.956 обични акции кои претставуваат 67 проценти плус една акција од вкупниот број обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола. Рокот за прифаќање на понудата за преземање започнува да тече од денот на првото објавување на понудата за преземање и изнесува 28 календарски дена, информираше тогаш КХВ. бак/лв/

Фото: МИА архива

Остани поврзан