• четврток, 26 декември 2024

Ковачевски - Џентилони: Макрофинансиска помош од 100 милиони евра за Северна Македонија и силна поддршка за членство во ЕУ

Ковачевски - Џентилони: Макрофинансиска помош од 100 милиони евра за Северна Македонија и силна поддршка за членство во ЕУ

Скопје, 13 ноември 2023 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски во рамки на учеството на Виенскиот Економски форум оствари средба со еврокомесарот за економија Паоло Џентилони.

Како што соопшти владината прес-служба, еврокомесарот ја потенцираше поддршката за Северна Македонија за членство во ЕУ. Тој истакна дека обезбедена е макрофинансиска помош за Северна Македонија од 100 милиони евра.
 
-Процесот на пристапни преговори ќе значи и зголемена финансиска поддршка за Северна Македонија, истакна Џентилони на средбата.

Премиерот Ковачевски и еврокомесарот Џентилони разменија ставови во врска со реализацијата на приоритетните проекти на Северна Македонија во рамки на Економско-инвестицискиот план за Западен Балкан. Двајцата соговорници истакнаа дека тоа ќе значи стимул за економски раст со фокус на инфраструктура, дигитализација, енергетско и транспортно поврзување на Северна Македонија како и на другите земји од регионот.

Премиерот Ковачевски на средбата истакна дека европската интеграција е стратешка цел на Северна Македонија и Владата е силно посветена на реформите, на продлабочување на регионалната економска интеграција и на развој на заеднички регионален пазар врз основа на законодавството на ЕУ со цел да се направи регионот поатрактивен за инвестиции.

Соговорниците разменија ставови и за Планот за раст за Западен Балкан кој е силен поттик на процесот на евроинтеграциите на регионот, со што ќе се зголеми двојно обемот на економијата на регионот и во земјата.

На средбата двајцата соговорници истакнаа дека европската интеграција за Северна Македонија ќе значи темелни промени и усогласување на економските и правните рамки со законските регулативи и со политиките на ЕУ. мч/дма/

фото: Влада на РСМ

Остани поврзан