• среда, 27 ноември 2024

Ковачевски: Финансискиот систем успешно одговори на кризата, подготвен е да се справи и со натамошни предизвици

Ковачевски: Финансискиот систем успешно одговори на кризата, подготвен е да се справи и со натамошни предизвици
Скопје, 20 јуни 2022 (МИА) - Комисијата за хартии од вредност уште на почетокот на создавањето на националниот и независен финансиски систем во нашата земја, си го зазеде своето место и го дава својот значаен придонес во функционирањето на државата, оцени денеска премиерот Димитар Ковачевски, кој присуствуваше на настан по повод одбележување 30 години од основањето на Комисијата за хартии од вредност.- Денес, 30 години подоцна, Комисијата за хартии од вредност е самостојно и независно регулаторно тело кое успешно ја остварува својата мисија, да ги заштити инвеститорите, да се грижи за создавање и одржување фер, сигурен, транспарентен и ефикасен пазар на хартии од вредност и да го олесни привлекувањето на капитал со што придонесува кон економскиот раст и развој на државата, рекол премиерот, пренесуваат од неговиот кабинет.
Ковачевски истакнал дека Комисијата за хартии од вредност, заедно со Министерството за економија, Народната банка, Македонската берза и Централниот депозитар за хартии од вредност, учествувала со значаен инпут во креирањето на Стратегијата за развој на финансискиот пазар, што на предлог на Министерството за финансии ја усвои Владата на Северна Македонија.- Со оваа стратегија имаме за цел да го динамизираме пазарот на капитал и да достигнеме развиеност на ниво на просекот во ЕУ. Како индикатори за достигнување на оваа цел на стратегијата се нивото на пазарна капитализација, ликвидноста на пазарите на капитал, структурата на изворите за финансирање на проектите кај компаниите, структурата на инвестициските портфолија на индивидуалните инвеститори и нивото на финансиска едукација, посочил тој.
Премиерот потсетил дека Владата за амортизирање на ценовните шокови предизвикани од пандемијата и воениот конфликт во Украина, издвоила речиси 615 милиони евра за поддршка на стандардот на граѓаните и за финансиска поддршка и ликвидност на компаниите преку Развојната банка.
- Претходно беа донесени и имплементирани шест пакети антикризни мерки, кои се проценети на вредност од околу 1,2 милијарди евра, се сочуваа над 80 000 работни места и беа поддржани над 20 000 компании. Во текот на претстојниот период предвидуваме нов пакет антикризни мерки вреден близу 80 милиони евра и тој во овој момент е предмет на анализа и на подготовки на соодветните министерства затоа што тие мерки треба да бидат таргетирани и да бидат насочени кон најранливите категории граѓани. навел Ковачевски.
Влогот во стандардот на граѓаните е врвен приоритет, особено во услови на огромна економска криза и, како што посочил, Владата ќе продолжи финансиски да ги поддржува граѓаните и компаниите. ар/лв/

Остани поврзан