Ковачевски: Сметките од престојот на „Винска визија на Oтворен Балкан“ ќе може секој да ги види
- Премиерот Димитар Ковачевски вели дека сметките за учеството на самот „Винска визија на Oтворен Балкан“ ќе може секој да ги види.
Скопје, 28 септември 2022 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски вели дека сметките за учеството на самот „Винска визија на Oтворен Балкан“ ќе може секој да ги види.
Според него, точните суми, штом ќе бидат обработени фактурите, ќе бидат дел од јавните финансии, а кога тоа ќе се случи, како што рече, ќе праша во трезорот.
-Сите фактури, откако ќе бидат процесирани, се дел од системот за отворени финансии во државата и нормално, секој ќе може да ги види. Мене ме зачудува фактот што велите во однос на транспарентноста, бидејќи само пред еден месец Владата, институцијата што јас ја водам, институцијата каде што сме, беше оценета со транспарентност од 100 проценти. Се што требало да биде објавено, било објавено и нормално дека и ова ќе биде објавено. Прво, целата сума што ја кажувате вклучува и поддршка на нашите винарии кои беа на Саемот, бидејќи се работеше за најголем саем во Европа, 42 винарии и три дестилерии учествуваа од Северна Македонија, таму бевте, можевте да видите. Второ, имавме цела рекламна кампања и на македонски и на албански и на српски јазик и која одеше во етерот на социјалните медиуми со оглед на забраната што ја имаме тука за рекламирање и која ги рекламираше македонската храна, македонското вино и македонскиот туризам, рече вечерва премиерот Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања.
Во однос на Македонската вечер на Саемот во Белград, премиерот истакна дека е задоволен што земјава била претставена не само пред земјите од Отворен Балкан, туку и пред многу други.
-Вие бевте сведоци дека таму имаше сигурно над 400 гости од сите држави кои практично се дел од „Отворен Балкан“, меѓутоа и од држави што се надвор од регионот. Имавме навистина успешно претставување на нашата држава, бидејќи во центарот на една соседна земја да направите промоција на се што е македонско за мене е навистина голема работа. Таму беа голем број наши компании од винскиот сектор, меѓутоа дојдоа компании и од други сектори. Постоеше можност за разговор и на политичко и на економско ниво. И сами бевте сведоци дека беа претставници и од ЕУ и од САД и сметам дека тоа беше исто така една успешна промоција, рече Ковачевски. мч/ки/
https://www.youtube.com/watch?v=jOUT4EF7Lk0