Ковачевски: Прогнозите на ВМРО-ДПМНЕ се секогаш погрешни, очекуваме повеќе пратенички мандати од опозицијата
- Актуелниот претседател Стево Пендаровски се очекува да биде промовиран официјално за претседателски кандидат на СДСМ на Конгресот на партијата закажан во недела, но откако одлуката за тоа ќе помине низ партиските тела - Извршниот и Централниот одбор, вели претседателот на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски.
Скопје, 28 февруари 2024 (МИА) - Актуелниот претседател Стево Пендаровски се очекува да биде промовиран официјално за претседателски кандидат на СДСМ на Конгресот на партијата закажан во недела, но откако одлуката за тоа ќе помине низ партиските тела - Извршниот и Централниот одбор, вели претседателот на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски.
Тој во гостувањето во Дневникот на телевизија „Сител“ појаснува дека изборот е направен откако за кандидатурата за претседател е спроведена статутарна постапка, како и по направените анкети и сондажи во партијата врз основа на кои од раководството е префериран Пендаровски за кандидат.
-Раководството вечерва ќе го предложи Стево Пендаровски за кандидат за претседател на состанок на Извршниот одбор кој треба да ја донесе одлуката и како таква да ја предложи до Централниот одбор. Ние ќе закажеме седница на ЦО и Конгрес на партијата в недела на 3 март каде и официјално треба да биде промовиран во кандидат за претседател од СДСМ, вели Ковачевски.
Во однос на можноста за кандидирање на поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и дали кризата со пасошите влијаше на тоа, Ковачевски вели дека таа криза не може да се адресира само на еден човек и дека станува збор за процес, притоа посочувајќи дека се уште не е завршена партиската процедура за номинација на кандидат за претседател.
-Оливер Спасовски сепак е еден од поискусните членови на партијата, човек кој многу има направено за СДСМ и тоа не само во време кога извршувал државни функции, туку и партиски, наведува лидерот на партијата.
Во однос на носителите на кандидатските листи во изборните единици и кандидатите за пратеници, тој вели дека СДСМ ќе има носители во сите шест изборни единици, одлуките за тоа ќе ги носат партиските органи, а ќе бидат бирани од редот на истакнати и препознатливи членови на партијата.
Прашан колку пратенички мандати очекува да освои СДСМ на претстојните избори, со оглед на резултатите од анкетите, Ковачевски посочува на анкетите од 2020 година кои покажувале предност на ВМРО-ДПМНЕ, а победила СДСМ и коалицијата.
- Во овие две години и три месеци како претседател на СДСМ и две години и скоро еден месец како претседател на Владата научив дека прогнозите што ги дава претседателот на ВМРО-ДПМНЕ се секогаш погрешни. На пример во почетокот на енергетската криза најголема по Втората светска војна, тој и неговата партија предвидуваше 40 проценти зголемување на цената на електична енергија. Тоа не се случи. Потоа предвидуваа дека нема да има електрична енергија, но и тоа не се случи. Предвидуваа дека нема да отпочнеме преговори со ЕУ, но по 17 години чекање отпочнавме преговори со ЕУ. Со бројки, тие велеа дека треба да биде минимална плата 8.000 денари, минимална плата денес е 22.500денари. Ние кажавме дека ќе го исполнеме ветувањето за просечна плата 500 евра во државата, а денес просечната плата во државата е 40.000 денари, односно 650 евра...Јас сум економист, бурек економија не постои, но во времето на ВМРО-ДПМНЕ со една просечна плата можеле да се купат 170 четвртини бурек, а денес можат да се купат 270 четвртини бурек, рече Ковачевски.
Смета дека СДСМ и коалицијата на изборите ќе освои повеќе пратенички мандати од опозицијата.
-Следниот мандатар на 9 мај, на денот на победата над фашизмот, повторно ќе бидам јас и ќе ја формираме проевропската влада со која што во 2030 година ќе влеземе во ЕУ, вели лидерот на СДСМ.
Тој го повтори ставот на СДСМ кој е, вели, искажан уште во 2019 година, дека не поддржуваат избор на претседател на државата во Собранието. Ова, како што вели, не се темели на една реченица туку на аргументи, а тоа е дека постојниот модел на избор кај нас обезбедува искажување на јасно мислење на сите етнички заедници во државата, на сите грѓаани и на сите политички партии .
-Ние не треба да се враќаме чекор назад во демократските процеси, наведува Ковачевски.
Ковачевски очекува до септември-октомври со добра организација да може да се заокружи целиот процес со замена на пасошите со новото име на државата што произлезе од Преспанскиот договор.
- Менувањето на личните докумени произлегува од меѓународен договор којшто е ратификуван во Собранието. Ако се носат други закони кои го дерогираат Законот за ратификација на меѓународен договор, тогаш влегуваме во друг проблем. Затоа сметам дека ова прашање не треба да се користи за обвинувања и во никој случај не треба да се користи за казнување на граѓаните, наведува тој.
Прашан за предлогот на СДСМ за измени на шест закони со кои нема да се зголемат функционерските плати, но нема ниту да се намалат веќе зголемените 78 проценти, Ковачевски рече дека во дел од законите стои дека платите не можат да се намалат како што е Законот за плати на судии. Решението на СДСМ со кое се намалуваат коефицинетите, според Ковачевски, е уставно издржано решение.
Во однос на законите за стратешки проекти од областа на енергетиката, тој кажа дека на државата и се потребни вакви енергетски стратешки објекти затоа што постоечките се стари и по 45 години. Според него, не е точно дека не се консултирани експерти.
- Како претседател на Владата имав советници кои беа врвни во своите области и од од економија, финансии, електротехничките науки и не беа бирани по партиска линија. Сите решенија што се носеа во делот на обезбедување на електрична енергија во делот на кризата, во делот на греењето за Скопје, субвенционирање на граѓаните, беа консултирани такви експерти, рече Ковачевски.
За консултациите со опозицијата рече дека таа може да го даде своето мислење во Собранието каде се разгледуваат законските решенија. вг/бак/
Фото: СДСМ