• понеделник, 23 декември 2024

Ковачевски: Прифатлив е само договор со Бугарија што ги затвора сите отворени прашања

Ковачевски: Прифатлив е само договор со Бугарија што ги затвора сите отворени прашања
Скопје, 5 мај 2022 (МИА) - Не може да се разговара за парцијални барања од двете страни и договор со Бугарија е можен единствено кога ќе има сеопфатно решение што ќе ги затвори сите отворени прашања и ќе значи безусловно кревање на ветото за почнување на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ, изјави вечерва премиерот Димитар Ковачевски. Тој во интервју за „Клик плус“ на ТВ21 додаде дека политичките прашања со Бугарија се разговараат меѓу експертите од министерствата за надворешни работи, кои разменуваат идеи и одржуваат состаноци, но дека во моментов не постои документ прифатлив за двете страни. - Финален документ, прифатлив за двете страни во моментов нема. Кога таков документ ќе е достапен, тој ќе биде споделен со институциите и во нашата држава и во Бугарија, рече Ковачевски. Премиерот додаде дека решението со Бугарија треба да биде базирано на задржување на достоинството на двата народа во двете држави, бидејќи само така ќе се дојде до решение, порачувајќи дека никој нема право да ја нарушува гордоста на граѓаните на двете држави. Ковачевски, во врска со барањето на Бугарија за внесувањето на Бугарите во Уставот, рече дека македонскиот Устав не е книга која кога сакаме ја отвораме или затвораме. - Нашиот Устав, односно нашето уставно уредување предвидува дека индивидуалните права на самоопределување може да се остварат колективно според Уставот и за тоа во нашиот Устав имаме и Македонци, и Албанци, Власи, Срби итн., нагласи Ковачевски. Првиот човек на Владата повтори дека за македонскиот јазик и идентитет воопшто не сака да разговара. - Идентитетот и јазикот воопшто не се предмет на разговор. Тоа не е предмет на разговор, ниту сум разговарал, ниту ќе разговарам за идентитет и јазик на македонскиот народ. Тоа е нешто што е наше, нешто што сме го имале, што го имаме и што ќе го имаме во иднина и тоа е тоа што нас не идентификува како народ, порача Ковачевски. Премиерот го повтори ставот во врска со отворањето на бугарскиот културен клуб во Битола,  дека го смета за провокација поради името „Ванчо Михајлов“. - Не се согласувам со тоа што беше отворен клуб во Битола кој што го носи името на Ванчо Михајлов, затоа што тој е дел од темната страна на историјата на македонскиот народ и сметам дека тоа беше провокација од страна на бугарската делегација која дојде и учествуваше во отворањето на клубот“, рече Ковачевски. Претседателот на Владата нагласи и дека од ВМРО-ДПМНЕ биле поканети да учествуваат во решавањето на спорот со соседна Бугарија, но од таму одбиле. - Во разговори кои се однесуваат на надворешната политика на државата беа повикани и ВМРО-ДПМНЕ да делегираат свои претставници, особено во делот на разговорите и на работните групи со Бугарија и тоа беше одбиено, истакна Ковачевски. Премиерот посочи дека уценување од типот „или за тоа ќе се разговара или ќе нема да има средба“, не прифаќа. - Закани, и тоа инфантилни закани од типот имате уште пет дена, четири дена, три дена, одбројување – тоа се минати времиња. Ние сме демократска држава, вели Ковачевски. Тој околу барањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за одржување на предвремени парламентарни избори истакна дека парламентарни избори ќе има во 2024 година, заедно со претседателските. - Ние имаме Влада која има целосен легитимитет, поддршка од Собранието. Избори ќе имаме во 2024 година, и претседателски и парламентарни, посочи Ковачевски. Премиерот истакна дека ВМРО-ДПМНЕ се плашат од редовни избори во 2024 година затоа што ги губат гласовите. - Не е дека се плаши некој од владината коалиција во моментов од предвремени избори, туку ВМРО-ДПМНЕ и нивниот претседател се плашат од редовни избори во 2024 година затоа што тие добија доверба од граѓаните да ги водат општините. Имаат доминантни општини во државата кои што ги водат, а ги гледаме перформансите на тие општини на скоро една година од нивниот мандат, вели Ковачевски. Тој потенцираше дека во Скопје секој трет ден се менуваат директори и нема никаква реализација на било каков проект. см/сп/

Остани поврзан