Ковачевски: Пендаровски влегува во профилот на потенцијалниот претседателски кандидат на СДСМ
- СДСМ својот претседателски кандидат за изборите закажани на 24 април 2024 година ќе го бира преку дефинирана процедура, најдемократски. Ако го анализираме неговото работење во изминатите пет години, актуелниот претседател на државата, Стево Пендаровски, апсолутно влегува во профилот. Тој беше поддржан од коалиција која вклучуваше и албански партии, истакна премиерот Димитар Ковачевски, но не откри конкретни имиња за кандидат на СДСМ за следните претседателски избори.
Скопје, 7 декември 2023 (МИА) - СДСМ својот претседателски кандидат за изборите закажани на 24 април 2024 година ќе го бира преку дефинирана процедура, најдемократски. Актуелниот претседател на државата Стево Пендаровски, ако го анализираме неговото работење во изминатите пет години, апсолутно влегува во профилот. Тој беше поддржан од коалиција која вклучуваше и албански партии, истакна премиерот Димитар Ковачевски, но не откри конкретни имиња за кандидат на СДСМ за следните претседателски избори.
-Претседателски кандидат којшто се залага за европска интеграција на државата, кој се залага за надворешна политика којашто е целосно усогласена со НАТО и ЕУ, којшто ги почитува меѓународните договори на државата, којшто ја почитува Преговарачката рамка со ЕУ, којшто ги почитува сите граѓани без разлика на нивната, пред сè, етничка и која било друга припадност и претседателски кандидат којшто има визија за Северна Македонија како полноправна членка на ЕУ – со економски раст, со врвно владеење на демократија и право и социјална сигурност. Тоа е победничкиот кандидат и тоа е профилот на претседателски кандидат којшто СДСМ ќе го понуди и којшто ќе треба, нормално, да ги дели вредностите на нашите коалициони партнери, вели премиерот Ковачевски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Во однос на прашањето дали Пендаровски ги исполнува условите што ги набројува, Ковачевски вели дека досегашното работење на Пендаровски е токму таков пример.
-Стево Пендаровски, ако го анализираме неговото работење во изминатите пет години, тој апсолутно ги исполнува овие вредности и затоа тогаш и бил кандидиран. Бидејќи претседателот Пендаровски беше кандидиран како консензуален кандидат. Да не заборавиме дека тој беше поддржан отворено од коалиција која вклучуваше партии на Албанците, нагласи премиерот.
Додаде дека повикот од неговата партија за консензуален претседател не е само за ДУИ и Алијанса за Албанците, туку за сите партии што ги споделуваат вредностите за кои се залага СДСМ и рече дека тој ќе се кандидира на изборите и тоа во изборната единица еден.
Ковачевски одговори позитивно на прашањето дали ќе прифати предизборно телевизиско соочување со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и посочи дека сосема е нормално да имаат предизборни соочувања со него.
-На претседателските избори на 24 април победник ќе биде претседателскиот кандидат предложен од СДСМ и коалицијата која што се залага за европска интеграција на Северна Македонија. На парламентарните избори на 8 мај на вториот круг на претседателски избори победник ќе бидат и претседателот предложен од СДСМ и коалицијата предводена од СДСМ и јас повторно ќе бидам мандатар. И тоа ќе бидат и претседател на Република Северна Македонија и Влада со кои што Република Северна Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ, рече Ковачевски.
Вели дека предмет на анализа е дали СДСМ на претстојните парламентарни избори ќе оди самостојно со своите традиционални партнери или во коалиција и со ДУИ и Алијанса за Албанците.
- Сепак, треба да се направат добри анализи од аспект на емпириски студии што би значело тоа. Второ, во однос на усогласеност на програми, усогласенот на вредности и трето, во однос на усогласеност на кадровската понуда што би одела во една таква ситуација. Така што, во овој момент многу е тешко да се даде точен, прецизен одговор за тоа која опција би била реална. Меѓутоа, јас опциите не ги отфрлам, но мора да бидат анализирани, рече Ковачевски.
Вели дека со ДУИ се уште не разговарале за технички премиер, но ќе ги почитуваат сите законски процедури.
- Законот е многу јасен, на 100 дена пред изборите премиерот поднесува оставка со цел да биде избрана техничка влада. Јас ќе го почитувам законот, тоа го соопштив и на лидерската средба. Секако претходно ќе биде упатено барање до најголемата опозициска партија за утврдување на позициите, а секако и СДСМ за останатите места согласно законот за Влада, изјави Ковачевски. сх/са/
Фото: МИА архива