• понеделник, 23 декември 2024

Ковачевски од Тетово: На 9 мај, на Денот на Европа ќе ја формираме новата проевропска влада на Македонија

Ковачевски од Тетово: На 9 мај, на Денот на Европа ќе ја формираме новата проевропска влада на Македонија

Тетово, 13 март 2024 (МИА) - Во Тетово вечерва се отвори нов промотивниот штаб на СДСМ на улицата „Благоја Тоска“ во близина на пазарот. На отворањето беше и партискиот претседател Димитар Ковачевски заедно со дел од партиските функционери.

Во обраќањето Ковачевски на присутните им порача дека неговата партија работи да обезбеди европска иднина.

- Европската унија не беше фер кон Македонија. Јас лично ги доживеав тие неправди. Но дали тоа значи дека треба да се откажеме како што се заговара ДПМНЕ. Јас велам апсолутно не. Ние во СДСМ никогаш нема да се откажеме од тој пат. Затоа што тоа е вистинскиот пат кон подобра иднина за државата. Ова не се избори помеѓу СДСМ и ДПМНЕ. Ова се избори помеѓу надежта и ненадежта. ДПМНЕ не може да ја придвижи државата кон Европската унија. Тие може само да ја оддалечат. Не само што ќе ја оддалечат туку и Европската унија ќе им биде крива за нивниот неуспех. Веќе го гледавме тој филм цели 13 години. Се правеа против Европската унија, се правеа против соседите и сите им беа криви, освен тие вината да ја земат на себе, истакна Ковачевски во говорот.

Тој порача дека СДСМ го има победничкиот кандидат за претседателските избори и победничкиот тим за парламентарните избори.

- Нема откажување од иднината, граѓаните заслужуваат европски стандард, просперитетна држава во која функционира демократијата, владеењето на правото, социјалната правда, и никој нема право да се откаже од таква подобра европска иднина. СДСМ го има идниот претседател, го има победничкиот тим. Со глас за Стево Пендаровски со глас за СДСМ обезбедуваме сигурна европска иднина. На 8 мај ќе прогласиме голема победа за европска Македонија, а веќе на 9 мај ќе ја формираме на Денот на Европа новата проевропската влада на Македонија, порача во обраќањето Ковачевски.

До присутните Ковачевски порача дека СДСМ во текот на досегашното владеење просечна плата ја зголеми за 290 евра во споредба со 2016 година, како и дека минималната плата е зголеменa од осум илјади денари на 22 500 денари, а просечната пензија е зголемен за 6 400 денари. ас/дма/

Фото: МИА 

 

Остани поврзан