• сабота, 21 декември 2024

Ковачевски од Рим: Победата на СДСМ на изборите ќе значи продолжување по европскиот пат, напредок и просперитет за Северна Македонија

Ковачевски од Рим: Победата на СДСМ на изборите ќе значи продолжување по европскиот пат, напредок и просперитет за Северна Македонија

Скопје, 2 март 2024

 


Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, во рамки на работната посета на Рим, Италија, на покана на  претседателот на Партијата на европски социјалисти, Стефан Лофвен, присуствуваше и се обрати на панел сесијата „Решенија за подобар квалитет на живот“ во рамнки на Изборниот конгрес на ПЕС 2024, на тема  мотото „Европа што ја сакаме: социјална, демократска, одржлива“. Претседателот Ковачевски, во рамки на постета присуствуваше и се обрати и на  заедничкиот настан организиран од Социјалистичката партија и демокартска партија на Италија, а во соработка со Европскиот форум за деморактија и солидарност и ЦИЕ Мрежата за родови прашања. Воедно, претседателот Ковачевски оствари и средби со премиерката на Данска, Мете Фредериксен, шпанскиот премиер, Педро Санчез како и германскиот канцелар, Олаф Шолц.

Во продолжение е интегралната изјава на претседателот на СДСМ Ковачевски, по завршување на Изборниот конгрес на ПЕС:

„Ми беше особена чест што вчера и денеска сум тука во Рим, на покана на Партијата на европски социјалисти, а во пресрет на изборите на Европскиот Парламент. Денеска учествував на Изборниот конгрес на ПЕС, насловен како „Европа што ја сакаме, социјална, демократска и одржлива“, на којшто беше усвоен Манифестот на Партијата на европски социјалисти за претстојните избори и како заеднички кандидат на партијата кој ќе го води европското социјалистичко семејство на европските избори во 2024 година се избра евро - комесарот за работни места и социјални права, Николас Шмит.

Конгресот на кој присуствуваа претседателите на европските социјал-демократски партии беше одлична можност да се слушнат и дискутираат политиките на партиите на еворпските социјалисти, како најголема прогресивна сила во Европа а со кои ќе настапат на следните избори. Јасна беше и пораката дека целта е слободна фер и безбедна демократска Европа, со гарантирани права за сите.

Исходот од претстојните европски избори е важен за нас како држава, за поддршка на започнатиот европски процес на Северна Македонија, бидејќи ние немаме друга алтернатива, освен интеграција во ЕУ. Тоа значи економска перспектива, социјална правда,  демократија и функционално владеење на правото.

Овој став го пренесов и во моето денешно обраќање на Конгресот на партијата. Северна Македонија е пред претседателски и парламентарни избори, и на овие избори  граѓаните ќе имаат два концепта. Едниот е патот на интеграција, подобар животен стандард со поголеми плати и пензии за сите граѓани, нови работни места, раст на инвестициите, раст на економијата – подобра европска иднина за сите. Тоа е темелот на социјалдемократските  прогресивни политики, политики кои во Северна Македонија ги застапува СДСМ.

И токму победата на СДСМ на изборите ќе значи продолжување по европскиот пат, кон подобар животен стандард за граѓаните и економски развој, кон унапредена демократијата, владеење на право, слобода на медиумите, социјална вклученост.

Владата на СДСМ покажа јасна посветеност и донесе навистина тешки и храбри одлуки, кои пак ја направија државата фактор на стабилност во регионот на Западен Балкан. Ја исполнивме првата стратешка цел, станавме членки на НАТО,  по 17 години чекање ги отворивме пристапните преговори со ЕУ. Ги затворивме речиси сите отворени прашања со нашите соседи. Сето тоа се случи за кратки 6 години од владеењето на СДСМ и тоа во услови на КОВИД пандемија и најголема економската и енергетска криза.

Другиот пат што го предлага опозицијата е сосема спротивно на се ова, тоа е изолација, стагнација, враќање назад во едно мрачно време на национализам, поларизација и дезинтеграција.
Во рамки на присуството на настаните на ПЕС,  овде во Рим, имав средби со  германскиот канцелар Олаф Шолц, со премиерката на Данска, Мете Фредериксен, како и со премиерот на Шпанија, со Педро Санчез, со кои разговаравме за актуелните политички состојби во Северна Македонија во однос на претстојните избори кои се клучен процес по однос на дефинирањето на правецот на државата - тие ќе ја одредат нашата иднина,  дали ќе влеземе во ЕУ и ќе напредуваме или ќе се вратиме во изолација и во мрак.

Заклучокот од средбите со Шолц, Фредериксен и Санчез, е дека Северна Македонија треба да го продолжи европскиот пат, бидејќи забрзувањето на интегративните процеси е во интерес на политичката, безбедносната и економската стабилност и на нашата држава и на целиот регион.
СДСМ како партија е подготвена,  и јас лично сум подготвен и решен да ја внесам Северна Македонија во ЕУ до 2030 година, тоа е нашата цел која имаме должност да ја исполниме - амбициозна, но реална и остварлива“.

СДСМ - Центар за комуникации со јавноста

Фото и видео: СДСМ

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан