• вторник, 24 декември 2024

Не преговараме со Бугарија туку со ЕУ, вето нема да има бидејќи веќе ги почнавме преговорите, порача Ковачевски

Не преговараме со Бугарија туку со ЕУ, вето нема да има бидејќи веќе ги почнавме преговорите, порача Ковачевски

Скопје, 9 февруари 2023 (МИА) - Не би ја коментирал изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев, бидејќи Бугарија е во избори. За влез во ЕУ ние не преговараме со Бугарија, туку со Унијата во Брисел и вето нема да има, бидејќи ние веќе ги почнавме преговорите, изјави денеска во одговор на новинарско прашање премиерот Димитар Ковачевски.

- Бугарија не би ја коментирал, бидејќи тие се наоѓаат во избори и таму секој дава изјава само за да собере глас плус. Кога ќе завршат изборите кај нив, во првата недела на април, ќе можеме да воспоставиме комуникација со новата влада, која што ќе ја изберат и да продолжиме со институционалната комуникација во делот на проектите кои што ги имаме на билатерално ниво, бидејќи ние со Бугарија не преговараме за влез во ЕУ. Ние преговараме со ЕУ во Брисел за влез во ЕУ. Вето нема да има бидејќи ние веќе ги почнавме преговорите, дециден е Ковачевски прашан за изјавата на Радев  дека преговорите не се започнати, а ќе започнат дури откако Бугарите ќе влезат во нашиот Устав и оти земјата е „во состојба на вето“.

Ковачевски информира дека утрово имал состанок со сите амбасадори на ЕУ во земјава на кој во детали разговарале за она што државата го постигна во 2022 година и она што не очекува во 2023 година. Во делот на преговорите, тој рече, дека Северна Македонија го отпочна скринингот со ЕУ и веќе се наоѓаме во поодмината фаза од истиот. Премиерот потенцира дека сите извештаи се позитивни, дека скринингот се одвива непречено и врз основа на него ќе постојат патокази кои што ќе бидат основа за унапредувањето на нашето општество во иднина со цел остварување на стандардите за полноправно членство во ЕУ. Еден од тие патокази е и за правата на малцинствата и етничките заедници, кој што го има секоја држава и кој што очекувам дека ние ќе го исполниме на највисоко врвно ниво.

- Ако се споредиме со која било држава во Европа, правата на помалите заедници кај нас се издигнати на највисоко  можно ниво. Бидејќи ние имаме изградено институции за правата на помалите заедници, имаме закони за остварување на правата на помалите заедници во делот на нивното рамноправно учество во јавната управа, употребата на јазиците итн. И тоа се однесува за сите. Ние имаме и Министерство кое се занимава со тие прашања. Затоа сметам дека барањето на кој било политичар во тој дел за нас не претставува никаков проблем со оглед на тоа дека правата кои ги имаат сите поединци или групи во оваа држава, а кои што не се дел од мнозинскиот народ, се на многу повисоко ниво од голем број држави во Европа, па и членки на ЕУ, рече Ковачевски по посетата на компанијата „Варус Бионика Фармацеутикалс“ во Скопје.

Бугарскиот претседател Румен Радев пред состанокот на Европскиот совет во Брисел, одговарајќи на новинарско прашање за последните случувања во односите меѓу Софија и Скопје и дали Бугарија планира ново вето, изјави дека „во моментов сме во состојба на вето.

- Со решението што успеавме со голем труд да го вметнеме во преговарачката рамка, преговорите ќе започнат дури откако Бугарите ќе влезат во Уставот на нашиот сосед. Тие се уште не се впишани и преговорите не се започнати. Тоа е состојба на вето, рече Радев.

Тој изјави дека иако темата за Северна Македонија не е на дневен ред на Советот, сепак ќе се обиде да го покрене прашањето за, како што рече, „зголемената агресија и ескалирачката антибугарска кампања во Република Северна Македонија“ и ќе побара ЕУ да воведе мониторинг и гаранција за почитување на правата на македонските Бугари. вг/см/ 

Остани поврзан