• сабота, 23 ноември 2024

Ковачевски на Форумот ГлобСек: Да се прати јасна порака со храбра одлука за Западен Балкан како да се продолжи после јуни

Ковачевски на Форумот ГлобСек: Да се прати јасна порака со храбра одлука за Западен Балкан како да се продолжи после јуни
Скопје, 3 јуни 2022 (МИА) – Клучна одлука сега е да се прати јасна порака со храбра одлука за Западен Балкан за тоа како да се продолжи понатаму после јуни, нагласи денеска премиерот Димитар Ковачевски на панелот „Сега или никогаш: Откривање на европската иднина за Западен Балкан“ во рамки на Форумот ГлобСек во Братислава. Како што рече Ковачевски, ЕУ сега има два проблеми, едниот се одлуките за Западен Балкан, каде што ако не се донесе одлука кредибилитетот и важноста ќе и опадне и во моментот кога тие ќе опаднат национализмот ќе почне да расте, што е нешто што може да се случи, а ние не сакаме да го видиме тоа. Од друга страна, наведе премиерот Ковачевски, процесот за Молдавија, Грузија и Украина веројатно ќе биде сосема поинаков процес, што може да видиме И од изјавите од претседателството на ЕУ и некои други претставници од институциите на Унијата, процес за држави кои се уште немаат капацитет и способности да започнат со преговори за пристапување во ЕУ. Пристапувањето кон ЕУ, потенцира Ковачевски, требаше да биде процес  што се заснова на заслуги и државата треба да ги имплементира вредностите на ЕУ, како што се демократијата, економскиот просперитет и социјалната правда. Во нашиот случај, појасни премиерот, 45 проценти од законодавството е усогласено и ако ја споредиме државата со други земји кои веќе преговараат неколку години, тогаш во различни поглавја ние сме многу подобри. Ако ги земеме последните пет извештаи на Европската комисија за напредокот на земјата, истакна Ковачевски, може да видите дека сите тие се позитивни. - Проблемот е во тоа што процесот заснован на заслуги е типично политички процес, каде поради начинот на носење одлуки во ЕУ една држава може да го блокира пристапувањето на земја кандидат, што се случува со Северна Македонија во моментот и тоа се прави исклучиво на политички основи и поради политички причини, истакна претседателот на Владата, потсетувајќи дека земјава 17 години е кандидат за членство во ЕУ. Од друга страна, според Ковачевски, имаме нов геополитички развој на настаните и поинаква слика во Европа, каде што ЕУ треба да одлучува за начинот како да го задржи својот кредибилитет и својата важност на Западен Балкан затоа што ако ова е систем заснован на заслуги, а тоа го тврдат сите релевантни претставници на ЕУ, тогаш мора да биде таков принцип и начело за сите земји. Свесен сум, рече премиерот Ковачевски, дека мора да постои и јасна визија и за Украина и за Грузија и Молдавија, затоа што тие земји и нивните граѓани сакаат да имаат демократско општество и да ја избираат својата иднина како економско просперитетни држави. - Ова мора да биде подржано од сите, а ние покажавме како држава и како регион дека ги поддржуваме Украина и нејзиниот народ, истакна Ковачевски. На прашање од присутните за тоа што се работи за двонасочен однос на ЕУ и земјите кандидати за членство, што ЕУ направи погрешно и дали е време да се смени овој колективен пристап и да се започне со приспособен пристап кон сите земји поединечно, премиерот Ковачевски оцени дека кога за еден процес е потребно предолго време тогаш довербата во тој процес и кредибилитетот опаѓаат, исто како што опаѓа и важноста на играчите што се вклучени во тој процес. - Проблемот лежи во самиот пристап, дали сакате да донесете брза и храбра одлука и да завршите одреден процес или пак само сакате да работите околу процесот, но без некаква цел да го завршите. Што се случи, процесот заснован на заслуги, секако зборувам за нашата држава, во кој сите ресурси се насочени кон самиот процес, стана типично политички процес. Од друга страна нема алтернатива, затоа што ако ги видите економиите на Западен Балкан попатно една работа беше постигната за Балканскиот полуостров, бевме Балкански Полуостров, а сега зборувам за Западен Балкан. Ова е едно од непозитивните постигнувања во текот на овие години. Имаме економии што 80 проценти работат со размена од земјите членки на ЕУ. Голем дел од странските директни инвестиции во земјите доаѓаат од ЕУ, голем дел од граѓаните од Западен Балкан одат надвор и живеат во држави од ЕУ, тоа значи дека нема други алтернативи. Зборуваме за европски вредности и за основните европски слободи, слободна трговија на стоки, услуги, капитал и движење на луѓето, истакна Ковачевски. Тој додаде дека иницијативата „Отворен Балкан“ е практична имплементација и платформа за тоа како да се имплементираат четирите слободи. Прашан дали ЕУ добро соработува со САД и дали ова партнерство е функционално или само создава проблеми, премиерот Ковачевски одговори дека Северна Македонија иако не е членка на ЕУ, целосно ја усогласи својата со надворешната политика на ЕУ, затоа што одлуката е дали сте на вистинската страна на историјата, на страната на демократијата во војна со автократијата. - САД е стратешки партнер на регионот и на Северна Македонија и тоа е така веќе 30 година во текот на нашата независност, на секое поле на развој на земјата, рече Ковачевски, потсетувајќи дека државите од поранешна Југославија се земји кои претпрпеа дисконтинуитет поради промената на политичкиот и економскиот систем. - Во овој процес на повторна изградба и стекнување доверба во регионот, САД одиграа навистина многу важна улога, рече Ковачевски, чиј одговор од страна на модераторот на панелот беше оценет како „многу дипломатски“. Премиерот Ковачевски информира дека неделава делегација од Северна Македонија на ниво на министри од надворешни работи, одбрана, култура и економија е во САД и има конкретни активности. цр/сп/

Остани поврзан