• понеделник, 16 декември 2024

Ковачевски: Нашите забелешки дека историските прашања и протоколот не може да бидат дел од преговарачката рамка се содржани во новиот предлог

Ковачевски: Нашите забелешки дека историските прашања и протоколот не може да бидат дел од преговарачката рамка се содржани во новиот предлог
Скопје, 30 јуни 2022 (МИА) - Пристигнат е предлог од француското претседателство за спорот со Бугарија, по нашата интервенција во Брисел. Официјалните ставови ќе бидат соопштени откако предлогот ќе ги помине филтрите на сите засегнати институции, изјави вечерва на прес-конференција во Владата премиерот Димитар Ковачевски. Деталите околу предлог документите, Ковачевски рече дека ќе бидат изнесени во консултации со медиумите од страна на министерот за надворешни работи и вицепремиер за европски интеграции почнувајќи од утре, но нагласи дека нашите забелешки се содржани во новиот предлог - дека историските прашања и протоколот од Договорот за добрососедство не може да бидат дел од преговарачката рамка. Ковачевски, најави дека ќе следи широк консултативен процес, со владината коалиција, а потоа и со претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупната јавност во земјата. - Сакам да повторам и да ги уверам граѓаните дека ние имаме план и стратегија која очигледно дава резултати. Затоа апелирам до сите политички актери и до медиумите да се воздржиме од шпекулации и да се потпираме на официјални информации од институциите. Процесот ќе биде транспарентен и ние ќе ги споделиме со јавноста релевантните детали по што ќе може да се донесе финална одлука. Како што ветивме, одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме заеднички, мериторно согласно стратешките интереси на земјата и на сите нејзини граѓани, изјави Ковачевски. Предлогот, како што посочи Ковачевски, е стигнат по нашата интервенција во Брисел и во него се содржани нашите забелешки. - Нашите забелешки се содржани во новиот предлог и кој што се наоѓа во моментот на анализа во МНР и можеме да го отпочнеме процесот на консултации кај нас. Во однос на историските прашања едно од нашите барања беше дека историските прашања не може да бидат дел од преговарачката рамка и тоа е содржано во овој предлог документ којшто е стигнат во МНР, изјави Ковачевски. Прашан дали протоколот од Договорот за добрососедство со Бугарија не е дел од преговарачката рамка, Ковачевски рече дека во однос на одвивањето на самиот процес на претпристапни преговори со ЕУ, тоа е дефиниран процес во рамки на Унијата којшто е дел од стандардите во ЕУ, како и дел од преговарачката рамка и тој процес го водат земјите членки на ЕУ од моментот кога земја кандидат ги отпочнува преговорите. - Во однос на протоколот којшто го спомнувате, тој протокол не е прв протокол. Значи, тоа е втор протокол од Комисијата која што работи на следење и на спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија. Тој Договор за добросодство со Бугарија е еден од документите кој што ние сме го потпишале, одобрен во Собранието и протоколот којшто е усогласен, исто така детали ќе бидат презентирани од страна на МНР. Протоколот нема да биде дел од преговарачката рамка, рече Ковачевски. Премиерот нагласи дека предлогот ќе биде доставен до Собрание и согласно собраниските процедури ќе биде спроведено така како што е потребно, бидејќи, како што рече, Владата не може да се меша во работата на Собранието. - Во однос на прашањето за вклучување на други граѓани коишто се самоопределуваат на различен начин од граѓаните коишто веќе се дел од Уставот и тука не зборуваме само за граѓаните коишто се со бугарско самоопределување, туку и за оние со хрватско и со црногорско. Ние веќе имаме изјави од сите политички актери во државата дека тоа е процес којшто сите ќе го поддржат, изјави Ковачевски. Во однос на поддршката и во однос на консензуалното прифаќање, Ковачевски рече дека треба да биде со најширок консензус, бидејќи на ваков начин ние правиме исчекор кон отворање на првата меѓувладина конференција на земјава со ЕУ. - Првата меѓувладина конференција секогаш значи почеток на скрининг процесот, меѓутоа за деталите во однос на фазите во меѓувладините конференции од првата па понатаму за деталите ќе информира утре вицепремиерот за евроинтеграции во чија што исклучива надлежност на него и на неговите колеги е овој процес, изјави Ковачевски. аа/ар/ https://www.youtube.com/watch?v=TRm9p-uiOXQ

Остани поврзан