• сабота, 28 декември 2024

Ковачевски: Има можност во иднина да има повеќе разбирање дека проширувањето треба да е засновано на заслуги

Ковачевски: Има можност во иднина да има повеќе разбирање дека проширувањето треба да е засновано на заслуги

Брисел, 23 јуни 2022 (МИА) – Премиерот Димитар Ковачевски, откако го отфрли предлогот за преговарачка рамка на ЕУ, изјави на прес-конференција во Брисел дека се надева оти во иднина ќе има поголемо разбирање во ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

Премиерот ова го изјави на прашање на МИА во Брисел за атмосферата во која се одвивал денешниот лидерски состанок помеѓу премиерите на Западниот Балкан и на ЕУ. Ковачевски истакна дека најголемо разбирање добил од соседните земји.

-За атмосферата на средбата – колку се поблиски земјите толку повеќе ја разбираат средината во која одредени разговори се одвиваат и имаат подлабоко познавање за прашањата за кои се работи. Дискусијата беше конструктивна, со можност, да речеме, дека во иднина ќе има повеќе разбирање и дека процесот на проширување ќе биде чисто заснован на заслуги, како што пишува и дека билатералните прашања нема да бидат предмет на мултилатерална интеграција, рече Ковачевски.

Предлогот на француското претседателство за преговарачката рамка помеѓу ЕУ и Северна Македонија речиси целосно го билатерализира процесот на проширување за Скопје, бидејќи ги вклучува сите клучни барања на Бугарија.

На ова македонска влада одговори со сет црвени линии за кои бара да бидат почитувани доколку има иден предлог преговарачка рамка од страна на ЕУ. Премиерот потсети дека ова е позиција на целата држава.

-Нашите позиции стојат во декларацијата што ја направи македонското Собрание и изгласана од сите членови на парламентот, сите политички партии едногласно. Тоа се позициите на Северна Македонија, рече Ковачевски.

Ова го потврди и самиот еврокомесар за проширување, Оливер Вархеји, утрово. Тој на Твитер напиша дека “ЕУ ги зема сите преокупации на Бугарија многу сериозно и тие се сега дел од преговарачкиот процес“.

Премиерот Ковачевски не го коментираше твитот.

-Не користам многу твитер, особено кога сум на состаноци, не сум го видел овој твит што го споменавте, ќе треба подоцна да се вратите за одговор, или прашајте го еврокомесарот што го напиша твитот што сакал да каже со тоа, одговори македонскиот премиер на прашање за коментар на овој контроверзен твит на Вархеји.

Како што веќе јави МИА денеска челниците на ЕУ, Шарл Мишел, Урсула фон дер Лајен и Емануел Макрон во последен момент ја откажаа прес конференцијата на која требаше да се обратат пред новинарите по лидерскиот состанок со Западен Балкан. Според дипломати запознаени со содржината на состанокот, ова е резултат на фактот што Европската Унија ништо не испорача за регионот денеска. Лидерите на ЕУ немаа ниту заклучоци, ниту став, ниту реченица да упатат по состанокот, само пораки од дипломати кои бараат да бидат неименувани.

Албанскиот премиер Еди Рама истакна дека не е изненаден што ЕУ лидерите ја откажаа прес конференцијата.

-Многу беа паметни што не одржаа прес конференција, тоа покажува кои се. Ова се луѓе кои се чувствуваат лошо за тоа што се случува. Овие луѓе што ги споменавте направија напори, но има нешто труло во функционирањето на Европската Унија, изјави Рама.

Српскиот претседател Александар Вучиќ додаде дека тоа што им е направено на Северна Македонија и Албанија денеска не е фер.

-Тоа што им се случи на СМ и Албанија не беше фер воопшто. Не можеме да плачеме во меѓувреме, тоа ништо нема да смени, треба да продолжиме да се менуваме и да создаваме подобра средина, рече шефот на српската држава, повикувајќи на засилување и поголема посветеност кон регионалната соработка во рамките на Отворен Балкан. тм/нд/

Остани поврзан