• среда, 27 ноември 2024

Ковачевски: Имаме цврста коалиција која ќе опстои до редовните парламентарни избори

Ковачевски: Имаме цврста коалиција која ќе опстои до редовните парламентарни избори
Скопје, 16 јули 2022 (МИА) - Коалицијата е цврста и таа ќе опстои до редовните парламентарни избори во 2024 година, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски по владината седница на која се донесе одлука за одобрување на предлогот на француското Претседателство. Тој, одговарајќи на новинарски прашања во Владата, рече оти е горд што немаше ниту еден глас „против“ во Собранието. Во однос на членовите на коалицијата, според Ковачевски секој има право да го изрази своето слободно уверување по однос на секоја точка која се предлага во коалицијата. Во однос на заверените изјави на нотар на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека нема да прифатат промена на Уставот, Ковачевски рече дека оваа партија треба да објасни зошто се против внесувањето во Уставот на граѓаните на Република Северна Македонија кои јасно се самоопределиле како Црногорци, како Хрвати, како Бугари, како Еѓипќани. - Зошто би имале тие против и доколку делови од израелскиот народ, односно Евреите во Република Северна Македонија бидат дел од преамбулата на нашиот Устав тие граѓани се богатството на нашата држава. Ние сме граѓанска држава. Не може ако некој решил себе си да се изолира и да ја изолира својата партија, ако решил преку нотарски изјави да ги изолира своите пратеници тоа да го прави на сите граѓани на државата и на целата држава и неа да ја изолира. Тоа е неприфатливо, ретроградно и тоа треба да биде надминато, нагласи Ковачевски. Според Ковачевски пратениците според Устав се независни во своето одлучување во Собранието. - Јас и граѓаните се надевавме дека ВМРО-ДПМНЕ конечно ќе биде партија што ќе се реформира, но гледаме дека таа политичка партија ниту милиметар не е променета во однос на она што го имавме под водство на нивниот претходен претседател. Во тоа време, нивните пратеници потпишуваа меници, а сега потпишуваат нотарски изјави. Пратениците според Устав се независни во своето одлучување во Собранието тие таму не претставуваат политичка партија или пак претседател на политичка партија којшто им бара нотарски изјави и мафта со нив по прес-конференции. Тие таму ги претставуваат граѓаните кои ги избрале, рече Ковачевски. мс/ац/  

Остани поврзан