• сабота, 16 ноември 2024

Ковачевски за МИА: Нема алтернатива на меѓународната соработка во однос на безбедносните прашања

Ковачевски за МИА: Нема алтернатива на меѓународната соработка во однос на безбедносните прашања

Минхен, 18 февруари 2023 (МИА) - Северна Македонија имаме јасен став во својата надворешна политика и не постои алтернатива на меѓународната соработка во однос на безбедносните прашања, изјави за МИА премиерот Димитар Ковачевски во Минхен, каде учествува на 59-та Минхенска безбедносна конференција.

Премиерот појасни дека Северна Македонија е земја која учествува во мировните мисии на НАТО, меѓутоа и на ОН и истовремено претседава со ОБСЕ, споменувајќи го тука и мотото на нашето претседавање со Организацијата дека сме свртени кон луѓето и кон заштитата и нивната безбедност.

- Тоа се гледа и од нашите приоритети каде што клучен приоритет е Украина, меѓутоа и сите други области каде што постои потреба за унапредување на мирот и безбедноста, изјави Ковачевски.

Како што јави известувачот на МИА од Минхен, премиерот потенцира дека овогодишната Минхнска конференција доаѓа во еден исклучутелно значен момент, а клучни теми на неа ќе бидат безбедноста во Европа во светло на војната што се води во Украина.

Премиерот Ковачевски денеска попладне ќе учествува на Панел дискусија во рамки на Конференцијата посветена на безбедноста на Западниот Балкан и значењето на процесот на евроинтеграција на регионот.

Тој напомена дека на панелот е предвидено да се разговара за безбедноста на Западниот Балкан, но и за повеќе значајни теми, како енергетската и кибер безбедноста, заштитата од хакерски напади и унапредување на регионалната соработка, со цел обезбедување што поголема заштита и на државита и на нивните граѓани.

Првата билатерална средба на Ковачевски на маргините на Конференцијата е со српскиот претседател Александар Вучиќ, а предвидено е да се сретне и со естонската премиерка Каја Калас и со повеќе други учесници на форумот.

- Првата средба е со претседателот на Србија, Вучиќ бидејќи навистина постои регионален предизвик кој што го надминуваат заедно Србија и Косово, заедно со посредништвото на ЕУ и САД. Значајна е средбата и со премиерката на Естонија, бидејќи заедно со нив работиме на дигитализацијата на државата, особено на воведувањето на електронски ИД, што започна кај нас и каде што клучни резултати ни се од Естонија, како една од најнапредните држави. Има и низа други средби со премиери и претседатели на други држави, со кои ќе разговараме на овие теми, рече премиерот Ковачевски во изјавата за МИА.

Ковачевски на конференцијата ја предводи владината делегација, во чиј состав е и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, а во својство на председавач со ОБСЕ на форумот е присутен и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

На 59. издание на Минхенската конференција за безбедност, учествуваат повеќе од 450 носители на одлуки на високо ниво и истакнати светски лидери, вклучувајќи шефови на држави, министри, први луѓе на меѓународни и невладини организации, како и лидери од бизнисот и граѓанското општество. Во фокусот на овогодинешната Минхенската конференција, што се одржува од 17 февруари до утре е светското преструктурирање, предизвикано пред се од воената агресија на Русија врз Украина. ац/сп/

Остани поврзан