• недела, 22 декември 2024

Ковачевски: Европски Катастар за катастарски услуги по европски стандард

Ковачевски: Европски Катастар за катастарски услуги по европски стандард
Скопје, 12 октомври 2022 (МИА) -  Премиерот Димитар Ковачевски вечерва се обрати на свеченоста за јубилејот „95 години геодетски премер и 75 години Геодетска управа“, во организација на Агенцијата за катастар и недвижности (АКН).-Напредок има само во државата во којашто граѓаните и бизнисите се ефикасни и креативни. Тоа, во прв план значи обврска за институциите да овозможат квалитени и ефикасни јавни услуги, за да нема денгубење на граѓаните и на компаниите, во завршувањето на своите обврски во државните институции. Во современото време во коешто живееме, со дигитализацијата, тоа е - и мора да биде можно, порача премиерот Ковачевски, пренесе владината прес-служба.
Претседателот на Владата посочи дека Агенцијата за катастар и недвижности се развива веќе 75 години, од 1947 година, формирана како Геодетска управа на Народна Република Македонија, како и дека преку неколку законски трансформации на институцијата низ годините, со новиот Закон за катастар на недвижности од 2008 година е дефинирана како Агенција. Почетоците на геодетски премери во нашата држава се бележат уште порано – од пред 95 години, но посочи Ковачевски, во последниве неколку години е направен значителен напредок во оваа област.
Тој го честита јубилејот на вработените во Агенцијата за катастар и недвижности и изрази благодарност за заложбите да им служат на граѓаните.
-Тоа што е сработено досега при работата на Агенцијата е значајно: дигитализирани се катастарските планови; подобрен е квалитетот на податоците од катастарот на недвижности; изработени се топографски и наменски карти и карти по НАТО стандарди; воспоставен е центар за обработка и анализа на сателитски снимки; премер, обележување, одржување и обновување на граничните белези и граничната линија на државната граница на Република Северна Македонија; воспоставена е единствена евиденција врз основа на единствен идентификациски број за недвижниот имот во државна сопственост, како и недвижниот имот во државна сопственост што го користат државните органи и правните лица основани од државата; во тек се и други активности - преку меѓународна соработка, со цел унапредување на услугите од Агенцијата, оцени премиерот Ковачевски.Тој порача Агенцијата за катастар и недвижности да пристапи кон натамошна модернизацијата на услугите согласно европските стандарди и регулативи и успешни европски пракси, како и да создадеме европски катастар.-Да, тоа е дел од процесот на зачленување во ЕУ, но пред сѐ поради важноста за унапредувањето на квалитетот на живот на граѓаните и во олеснувањето на функционирањето на бизнисите, во насока на заложбите за економски раст, дома, во нашата земја. Ова е многу важно, посебно во услови на отворени преговори со Европската Унија и започнувањето на скрининг процесите, со коишто се утврдува, а понатаму во преговарачкиот процес и ќе се бара, целосна усогласеност со европските критериуми на работа и на законодавството, порача премиерот Ковачевски.
Ги потенцираше и важноста на дигитализацијата и отвореноста на податоците.-Ги поддржуваме заложбите за достапност до катастарските податоци преку Националниот портал за електронски услуги, односно имотните листови и историјатот за сопственост, бидејки тоа е согласно праксите во Европската Унија, каде отворените податоци се регулирани со директивата за јавниот сектор, отворените податоци имаат отворен формат, се користат без надоместок и без да се ограничуваат корисниците. Дигитализацијата на јавните услуги ја зголемува ефикасноста и пристапноста при испораката на јавните услуги, ги забрзува процесите, гo намалува човечкиот контакт и можностите за корупција и овозможува висока транспарентност на сите нивоа. Значајна е и дигитализацијата во правосудниот систем, пред сѐ поради ефикасноста на завршувањето на постапките. Во тек се процедурите за целосната дигитализација на околу 186 судници во 34 судови, бидејки, меѓу приоритетите во Програмата за работа на Владата 2022 - 2024 година се дигитализацијата, независно и ефикасно правосудство, професионализацијата на институциите и превентивните мерки во надградбата на Планот за борба против корупција, додаде премиерот Ковачевски.Тој изрази очекување за скорешно заокружување на предлозите на законот за премер, катастар на недвижности и регистри и законот за геодетска дејност, коишто се сега во нацрт форма, низ инклузивен процес, со што ќе се овозможи унапредување на квалитетот на работата на Агенцијата.-Продолжете уште поактивно да работите во насока на унапредувањето на услугите. Државниот систем, тоа е секој од вас, тоа сме сите ние - огледало на државата и на институциите и инсистирам и ќе инсистирам кон ефикасни и квалитетни услуги, затоа што граѓаните и компаниите, преку даноците, плаќаат и треба и мора ги добиваат. И во Република Северна Македонија се чувствуваат предизвиците од економско-енергетската криза  во глобален контекст, но ве уверувам дека Владата ја поддржува и ќе наоѓа начин да ја поддржи секоја сериозна иницијатива, со цел бенефит за граѓаните и економски развој на државата, порача премиерот Ковачевски.
На настанот во чест на јубилеите што ги одбележа Агенцијата за катастар и недвижности присуствуваа и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Борис Тунџев, амбасадори и други гости. лв/

Остани поврзан