• сабота, 23 ноември 2024

Ковачевски: Владата е партнер на компаниите, поддршката ја зголемивме 11 пати

Ковачевски: Владата е партнер на компаниите, поддршката ја зголемивме 11 пати

Скопје, 19 октомври 2023 (МИА) -  Со замрзнување на цените на основните прехранбени продукти и нивното намалување преку обезбедување „гарантирана цена“ на производите, како и со владината одлука за допрецизирање на повластената стапка на ДДВ од пет проценти за најголем дел од основните прехранбени производи, кои се 1 650 на број, создадовме предуслови за да ја намалиме инфлацијата на пет отсто до крајот на годината, што сметам дека е остварливо од оваа перспектива и од аспект на мерките кои ги носиме, рече премиерот Димитар Ковачевски по посетата на компанијата „Мис Глобус ДОО“. 

Ковачевски, кој беше придружуван од министерот за економија, Крешник Бектеши, ги презентираше владините мерки за приватниот сектор кои им овозможуваат на компаниите, како што истакна, да го модернизираат и зголемуваат производството и истовремено да имаат и понисики производствени трошоци.

Владата, потенцира премиерот, е партнер на компаниите. Преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите од неговото воведување до денес, поддржа 919 фирми со 100 милиони евра, а за период од шест години финансиската поддршка од државата кон домашните компании е зголемена за 11 пати што е, оцени, огромен економски стимул за компаниите.

Премиерот во обраќањето по посетата на „Мис Глобус ДОО“ посебен акцент стави на енергетиката, но упати порака и за членството на земјава во ЕУ. Рече дека сите напори на државата се препознаени како чекор напред на патот кон остварување на оваа цел, а пред нас е историска шанса која не смееме да ја пропуштиме.

 -Денеска сме во посета на една од нашите најуспешни, први приватни компании во месната индустрија, компанијата МИС Глобус ДОО Скопје, која 30 години опстојува на македонскиот пазар. Со помош на ИПАРД средствата од близу 65 000 евра, „МИС Глобус“ се одлучи да се фокусира на иднината со поставување фотоволтаичен систем и соларни панели за да ги намали трошоците за производство на месни продукти и резултатот денеска е видлив-помали трошоци, поголемо производство и подобар пласман. Го поздравувам овој потег на компанијата, но и нивната одлука, како и многу други компании, да ја примени мерката „гарантирана цена“ и со тоа да излезе во пресрет на потребите на граѓаните и да го помогне стабилниот курс на нашата економија, рече Ковачевски.

„МИС Глобус“, дополни, ги има веќе намалено линеарно своите цени во малопродажбата.

-Компанијата навистина помогна во оваа криза, нашите граѓани да се снабдуваат со поевтини производи кои имаат и гарантирана цена. Овде ја гледаме иднината за која јас зборував меѓу првите во нашата држава и ставав акцент на искористување на обновливите извори на енергија. „МИС Глобус“ има инсталирано 200 киловати централа за производство на електрична енергија и се во фаза на инвестиција за уште толкав капацитет со кој ќе произведуваат електрична енергија за своите потреби и веќе 40 отсто од производството, од потребите за електрична енергија за нивното производство го покриваат со сопствено производство на електрична енергија, посочи премиерот.

Според него, земјава и во услови на криза, успеа да го зголеми домашното производство на електрична енергија, па дури и да извезува струја.

-Од Република Северна Македонија создаваме Зелен енергетски хаб на Европа и тоа може да го потврдат анализите во делот на инсталирањето обновливи извори на енергија. Нашата стратегија за развој на енергетиката до 2040 година е целосно заснована на Европскиот зелен договор и веќе ја спроведуваме во земјата. Владата која јас ја предводам, ќе остане запамтена како Влада во чиј мандат е инсталирана најголема моќност на обновливи извори на енергија. Го подигнавме интересот за инвестиции во обновливи извори на енергија. Ги олеснивме процедурите, ги прилагодивме законските решенија и правилниците. Во моментов во нашата држава работат фотонапонски централи со вкупна инсталирана моќ од 400 мегавати кои произведуваат 610 гигават часови електрична енергија и произведуваат електрична енергија за 198 000 семејства во државата. За период од речиси две години, дури 685 централи добија дозволи за работа, а тие, според пресметките, може да снабдуваат со струја над 160 илјади домаќинства со просечна потрошувачка на 18 градови, рече премиерот. 

Годинава, потсети, започнуваме и со реализацијата на неколку крупни инвестициски проекти, како изградбата на гасниот интерконектор со Грција со којшто се приклучуваме на транс-јадранскиот гасовод и ќе добиваме гас како од Азербејџан така и од другите држави кои продаваат и земен и ЛНГ гас кој ќе доаѓа на балканскиот полуостров преку ЛНГ терминалите во Грција и новиот кој се гради во Александропули. По период од 30 години конечно избравме приватен инвеститор за изградба на најголемата пумпна хидроцентрала на Балканот „Чебрен“ која има огромно значење за декарбонизацијата и за праведната енергетска транзиција, рече премиерот.

Има, додаде, и уште неколку крупни капитални проекти со кои час поскоро се очекува да се постигне домашна енергетска ефикасност и независност во целост.

-Владата создава услови за поволна бизнис клима и деловен амбиент. Компаниите ја препознаваат нашата цврста волја да помогнеме. Пред извесно време бев присутен на свеченото отворање на приватна фотоволтаична електроцентрала во земјава – „ФЕЦ Новаци“ која е и најголема на Балканот од приватен инвеститор. Новата централа, е со вкупен капацитет од 55 MW и годишно е проектирано да произведува 85.000 MWh енергија која е доволна да задоволи потреби на 30 000 семејства, потсети Ковачевски.

Во „МИС Глобус“ работат 40 работници, но фабриката, како што беше речено, во моментов има потреба од дополнителни 50 работници. мч/лв/

 

 

 

 

 

Остани поврзан