• понеделник, 23 декември 2024

Ковачевски - Борел: Потребно е достоинствено европско решение за спорот и деблокирање на преговорите

Ковачевски - Борел: Потребно е достоинствено европско решение за спорот и деблокирање на преговорите
Скопје, 11 мај 2022 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската Комисија Жозеп Борел вечерва во Брисел одржаа средба на која ја истакнаа потребата за брзо делување и за остварување на стратешкиот интерес и придобивка на ЕУ од проширувањето со Северна Македонија и другите земји од Западен Балкан како приоритет за европската безбедност. Во таа насока, како што информираа од Кабинетот на Ковачевски, било истакнато дека е време за изнаоѓање на достоинствено европско решение за деблокирање на почетокот на пристапните преговори за Северна Македонија. Премиерот на средбата изразил благодарност за ангажманот на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската Комисија, Жозеп Борел, за неговата континуирана и цврста поддршка за Република Северна Македонија. За време на разговорот било нагласено дека Владата останува посветена на реформите и нивната имплементација во борбата против корупцијата, владеењето на правото, дигитализацијата и зелената агенда.
Ковачевски во тек на работната посета на Брисел, на средба со  специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, заклучено дека војната во Украина наметнува неопходно забрзување на процесот за интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија и итни преговори со Северна Македонија како приоритет.
Како што соопштија од Кабинетот на Ковачевски, тој на средбата со Лајчак истакнал дека очекува дополнителна поддршка од Брисел за дијалогот Скопје-Софија за да се дефинира преговарачката рамка со цел колку што е можно побрзо одржување на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со Европската Комисија како почеток на процесот за затворање на поглавјата за членство во ЕУ.
  Ковачевски претходно оствари средба со белгискиот премиер Алексаданр Де Кро со кого се согласиле дека е неопходно  брзо изнаоѓање на решение меѓу Северна Македонија и Бугарија за да се овозможи старт на преговорите за членство во ЕУ како стратешка одлука за Брисел од аспект на безбедносните ризици предизвикани од војната во Украина. Двајцата премиери изразиле задоволство од блиските и пријателски односи меѓу Северна Македонија и Кралството Белгија, засновани на взаемна доверба и заедничка визија за слободна и демократска Европа.см/лв/

Остани поврзан