• среда, 27 ноември 2024

Коалиција Менуваме: Зголемување на висината на додатоците и почитување на сите права на лицата со попречености

Коалиција Менуваме: Зголемување на висината на додатоците и почитување на сите права на лицата со попречености
Скопје, 26 јули 2022 (МИА) - Коалицијата Менуваме бара зголемување за 35 проценти на додатокот на попреченост кој во моментов изнесува 7.100 денари и за исто толку и посебниот детски додаток, кој сега изнесува 5.100 денари. На таков начин, велат, ќе се изврши усогласување согласно просечната нето-плата во државата. Од Коалицијата, меѓудругото бараат и да се направи регистар за лица со попреченост, а помагалата за деца и лица со оштетен вид-слепи да бидат ставени на товар на Фондот за здравство.
За оваа цел, како што велат од Коалицијата Менуваме, поддршка ќе побараат и од дипломатскиот кор во земјава, од Канцеларијата на УНИЦЕФ, како и од Делегацијата на ЕУ во Скопје, но и од други межународни организации кои се бават со почитување на правата на граѓаните.
-Ќе побараме поддршка и медијаторство за остварување на правата на еднаквост, достоинствен живот и активно вклучување во целокупниот економски, културен, општествен живот на лицата со попреченост. Нам овие права ни се гарантирани согласно сите меѓународни конвенции и Уставот, меѓутоа поради невидливост во системот, остварувањето на овие права не е прилагодено на нашите потреби и можности, како лица со попреченост, се вели во соопштението од Коалицијата.
Земјава, се додава во него, ја има ратификувано конвенцијата на правата на лицата со попреченост на ОН во 2011 година, по што е должна да ги оствари преземените обврски за гарантирање на правата на лицата со попреченост
-Комитетот при ОН за правата на лицата со попреченост по основ на имплементација  на член 28, став 45  посочува  со цел да се  гарантира соодветен животен  стандард на  лицата со попреченост, преку компензации во форма на паричен додаток кој би овозможил лицата со попреченост да можат да  ги покријат трошоците поврзани со попреченоста, државата да ги укине одредбите за лицата со попреченост кои според возраста ги квалификува да пристапат до социјални бенефиции, да алоцира одредени парични додатоци и надоместоци за децата и лицата со попреченост: да обезбеди итна  материјална помош за биолошките и згрижувачките семејства, како и препораките од член 19 став 32,  да усвои мерки преку кои ќе се осигура дека лицата со попреченост имаат законско право на доволен личен буџет за независно живеење, да ги земе во предвид дополнителните трошоци кои се однесуваат на попреченоста...Од овие причини, бараме зголемување на износот на сите додатоци по основ на попреченост, како и посебниот детски додаток, велат од Коалицијата Менуваме.
Истовремено, нагласуваат, треба да им се овозможи  да ги покријат трошоците кои се поврзани со попреченоста (вклучувајќи и не ограничувајќи се на лекови, суплементи, физикална терапија, сензорни соби, помошни помагала и слично, соодветно на состојбата и возраста на лицето), а и да можат активно да бидат вклучени во целокупниот општествен живот (што вклучува транспорт, влезници/котизации, финансиска можност за негување на интереси и хобија).
-Коалицијата Менуваме писмено ќе се обрати до Комитетот во Женева за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, делегацијата на ЕУ во земјата, Европската комисија во Брисел, дипломатскиот кор во земјата, ОБСЕ и до сите меѓународни организации кои се бават со човековите права во полето на лицата со попреченост. Не е дозволиво држава која претендира за влез во ЕУ да се однесува дискриминирачки и манипулативно кон децата и лицата со попреченост, велат од Коалицијата Менуваме. сст/ац/

Остани поврзан