• вторник, 24 декември 2024

Книжевен портрет на Венко Андоновски

Книжевен портрет на Венко Андоновски

Скопје, 18 март 2024 (МИА) - На Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје вечерва се одржа  Книжевен портрет на Венко Андоновски, универзитетски професор, романсиер, драмски писател, филмски сценарист, книжевен критичар и теоретичар на литературата.  

Разговор со авторот водеше проф. д-р Кристина Николовска, а присуствуваа негови колеги и студенти.

null

Андоновски (1964, Куманово) е еден од најпопуларните драмски писатели во последниве десетина години во земјава и еден од најчитаните македонски автори. Напишал над 30 книги од најразлични жанрови. Добитник е на сите домашни награди за проза, драма и критика, како и на меѓународните награди „Балканика“, „Кочиќево перо“, „Југра“ и Толстоевата награда „Јасна полјана”. 

null

На настанот беа изложени некои од делата на Андоновски кој е професор по книжевност на Филолошкиот факултет и дописен член на МАНУ. Неговиот роман „Папокот на светот“ е продаден во над 14 000 примероци, а „Вештица“ во над 8 000 примероци. „Папокот на светот“ во превод на руски, беше номиниран за Толстоевата награда во 2018 година. За француското издание на „Вештица“, пак, Милан Кундера, го споредува Андоновски со Херман Брох и Карлос Фуентес.

null

Поважни дела на Венко Андоновски се „Фрески и гротески“, „Припитомување на кучката“, „Азбука за непослушните“, „Ќерката на математичарот“ и „Папокот на светлината“.

Настанот го организираше Катедрата за македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет „Блаже Конески”. мч/мд/

фото: МИА

 

Остани поврзан