• среда, 25 декември 2024

Клубот БУМ го одржа првиот состанок во 2024 година

Клубот БУМ го одржа првиот состанок во 2024 година

Скопје, 23 јануари 2024 (МИА) - Во Македонска берза се одржа работен состанок со компаниите членки на Клубот БУМ (Берзата и Успешните во Македонија) чии организатори се Македонска берза и PWC Северна Македонија, а негов партнер е Сојузот на стопански комори.

Како што соопшти Македонска берза, покрај постојните членки на Клубот БУМ, на состанокот  присуствуваа и компании заинтересирани за членство во овој клуб, како и претставници на членките на Берзата.

-По обраќањата на Иван Штериев, главен извршен директор на Берзата и Драган Давитков, директор на PwC во нашата земја, презентации имаа претставници на берзата од Софија кои подетално го претставија нивниот „пазар за растечки компании“ којшто во Бугарија функционира веќе извесно време. Воедно, пред македонските компании, своите успешни приказни за излегување на берза и прибирање нов капитал ги споделија Николај Мартинов од Impulse Growth, Јани Драгов од Smart Organic и Симеон Илиев од MFG Invest, се наведува во соопштението. 

Во Клубот БУМ, кој  официјално почна да работи во октомври 2023 година, членуваат дваесетина компании од различни бизнис-сектори. Целта на неговото формирање е стратешка поддршка на домашните компании за нивни одржлив раст на долг рок, обезбедување специфичен know-how и комуникација со останати компании, организаторите и партнерите на клубот, како и со избрани релевантни регионални субјекти.

-Клубот примарно настојува да помогне во поврзувањето на инвеститорите и компаниите негови членки, со акцент на финансирање на бизнисите преку пазарот на капитал. Состаноците на клубот се организираат квартално, информира Македонска берза.

Фото: Македонска берза 

Остани поврзан