• вторник, 24 декември 2024

Кичевски ентузијаст постави патокази на Китино кале

Кичевски ентузијаст постави патокази на Китино кале
Кичево, 17 јануари 2022( МИА) - Познатиот кичевски ентузијаст Горан Нестороски, без ничија помош изработи нови патокази на Китино кале и ги постави на неколку локации. Патоказите се од голема помош за посетителите, кои прв пат или многу ретко го посетуваат овој парк во средиштето на Кичево. - Секогаш кога ќе се најдам на калето сум размислувал што треба да се направи за да може оваа природна убавина да биде уште поубава, пофункционална и попривлечна. Затоа пред пет години го покренав проектот за поставување на урбана опрема на калето и собирање на отпадот од целиот локалитет. Мојата иницијатива ја поддржаа и членовите на здружението „Вредит да си од Кичево“ кои се вклучија во реализацијата на проектот. Во акцијата собравме над 30 пластични вреќи секаков вид на отпад, кој со години претходно не бил собран на овој локалитет, вели Нестороски и потсети  на проектот за поставување на нови патокази на калето. Со завршувањето на претходниот проект, нагласи тој, имав впечаток како во целост да не сум ја завршил работата и затоа самоиницијативно  ги изработив овие патокази ги префарбав и ги напишав на три јазика, на македонски, албански и англиски. Додаде дека  заедно со негов пријател патоказите ги поставил на поголема и побезбедна височина, за да не можат да ги откорнат злонамерните посетители. - И денес кога ќе прошетам на овој простор, со задоволство ги посматрам овие патокази и се чувствувам исполнето, бидејќи мојата заложба и идеја остави траен белег на овој локалитет, додава Нестороски. Нагласи дека поради отпор од поединци, стравува дека нема да може да ја реализира дамнешната желба да ги ревитализира муралите нацртани на повеќе згради на централните улици во Кичево во времето на поетската манифестација „Курирче“ од пред 40 години, кои под забот на времето се повеќе го губат стариот сјај. На негова иницијатива поставена беше урбана опрема на Китиното кале, која полни 5-6 години им служеше на малубројните посетители на калето, се до периодот од пред една година, кога се изврши реновирање на овој локалитет, а клупите беа повлечени од употреба. за/цр

Остани поврзан