• среда, 25 декември 2024

Китановиќ: Ќе се обидеме да ја подигнеме видливоста и значајноста на помалите заедници и нивната правична застапеност во институциите

Китановиќ: Ќе се обидеме да ја подигнеме видливоста и значајноста на помалите заедници и нивната правична застапеност во институциите

Скопје, 22 октомври 2024 (МИА) - Помалите етнички заедници во државата изнесуваат некаде над 10 проценти и се соочуваат со широка лепеза предизвици, меѓу кои и правичната застапеност, Агенцијата за остварување на правата на заедниците ќе се обиде да  ја подигне и видливоста и значајаноста на заедниците, кои се важен дел во општеството на Република Македонија, вели новиот директор на Агенцијата Далибор Китановиќ.

-Помалите етнички заедници во државата изнесуваат некаде над 10 проценти, а проблемите со кои се соочуваат се многу како во однос на правичната застапеност во образованието, културата, во делот на медиумите и во делот на културното наследство. Така што широка е лепезата на проблеми на помалубројните заедници и нивната видливост. Ние како Агенција заедно со Владата ќе се обидеме да ја подигнеме и видливоста и значајаноста на заедниците, кои се важен дел во општеството на Република Македонија, за градење на една мултикултурна држава каде покрај македонската и албанската тука се и заедниците за кои ние ќе се бориме, вели Китановиќ во изјава за медиумите по повод одржувањето на форумот.

На новинарско прашање дали законот за правична застапеност на заедниците кој треба да биде донесен, ќе придонесе повеќе за правата на помалите заедници, Китановиќ смета дека ова политичко прашање често се користи во дневно политички цели.

-Тоа е прашање кое многу често се користи во дневната политика. Некои го користат во позитивна конотација, некои во негативна конотација. Ние сме исправени пред предизвиците со кои се соочуваат помалите заедници во контекст на правичната застапенот и ќе се бориме заедниците во согласност со својот квалитет и образование да бидат присутни во институциите. Тоа го оставаме на Уставниот суд и Министерството да го решаваат, тука сме да поддржиме се што ќе поддржи Владата, вели Китановиќ.

Прашан во однос на статистички податоци за тоа колку се застапени помалите етнички заедници во државната и јавната администрација, директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците вели дека Министерството за образование и наука, заедно со Народниот правобранител и Агенцијата ги собираат податоците, но тие, вели се менуваат од година во година.

-Имаме определни отселувања од државата, определени менувања на институции, во последно време не е ни толку во тренд работа во институциите. На крајот од годината излегуваат процентите од собирањето на самите информации и тогаш ќе може да ги споделиме со јавноста, вели Китановиќ.

Партиципативниот форум на тема: “Анализа за функционалноста, ефективноста и постигнувањата на Партиципативниот форум“ Агенцијата за остварување на правата на заедниците го организира во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје. вг/аа/

Фото: МИА

 

 

 

Остани поврзан