• петок, 20 декември 2024

Кирби: Америка ја поддржува идејата Руте да го наследи Столтенберг на чело на НАТО

Кирби: Америка ја поддржува идејата Руте да го наследи Столтенберг на чело на НАТО

Вашингтон, 22 февруари 2024 (МИА) – САД ја поддржуваат идејата холандскиот премиер во заминување Марк Руте да го наследи Јенс Столтенберг на чело на НАТО, изјави денеска портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби.

Британското Министерство за надворешни работи претходно соопшти дека го поддржува Руте да го наследи Јенс Столтенберг како следен генерален секретар на НАТО.

И германскиот канцелар Олаф Шолц го поддржа Марк Руте за генерален секретар на НАТО. Холандскиот премиер во заминување е „извонреден кандидат“, според портпаролот на Шолц, Штефен Хебестрајт.

- Канцеларот Шолц го поддржува назначувањето на Марк Руте за нов генерален секретар на НАТО, објави Хебестрајт на платформата X, наведувајќи го „огромното искуство на Руте, неговата голема експертиза во безбедносната политика и неговите силни дипломатски вештини“.

И во Франција денеска висок функционер рече дека претседателот Емануел Макрон бил прв поддржувач на назначувањето на Холанѓанецот на оваа позиција, откако минатата година го распрашувал за функцијата.

Естонската премиерка Каја Калас изрази интерес за највисокото место во НАТО во ноември, но официјални претставници на Алијансата велат дека таа не е во комбинација затоа што не се изјаснила за својата кандидатура, како и летонскиот министер за надворешни работи Кришјанис Каринш.

Мандатот на Столтенберг како генерален секретар на Алијансата, кој трае од 2014 година, истекува во октомври, а една од главните задачи на неговиот наследник ќе биде да продолжи да и помага на Украина во војната против Русија. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан