• петок, 05 декември 2025

Кинески и американски технолошки гиганти предводат во емисиите на стакленички гасови

Кинески и американски технолошки гиганти предводат во емисиите на стакленички гасови

Женева, 5 јуни 2025 (МИА) – Кинеската компанија Чајна Мобил (China Mobile) е на врвот на листата на најголеми емитери на стакленички гасови меѓу водечките технолошки компании, следена од американскиот гигант Амазон, покажува извештај на Меѓународната унија за телекомуникации (ITU) објавен денеска.

Извештајот анализирал 200 технолошки компании, од кои 166 ги објавиле своите емисии за 2023 година. На третото место е Samsung Electronics од Јужна Кореја, следен од China Telecom, China Unicom и тајванската компанија за полупроводници TSMC. Alphabet (матичната компанија на Google) и Microsoft се подолу на листата, додека Meta е на 15-то, а Deutsche Telekom на 18-то место.

- Напредокот во дигиталните иновации, особено вештачката интелигенција, ја зголемува потрошувачката на енергија и глобалните емисии, изјави генералната секретарка на ITU, Дорин Богдан-Мартин. Енергијата потребна за обука, складирање и работа со моделите на вештачка интелигенција е главен фактор. Според извештајот, потрошувачката на енергија на дата-центрите, клучни за вештачката интелигенција, пораснала за околу 12 отсто годишно помеѓу 2017 и 2023 година, четири пати побрзо од глобалната потрошувачка на енергија.

ITU, тело на Обединетите нации, е одговорно за одржливиот развој на телекомуникациите. Според Меѓународната агенција за енергија (IEA), дата-центрите сочинувале 1,5% од глобалната потрошувачка на електрична енергија во 2024 година, со очекувања оваа побарувачка да се удвои до 2030 година. Од вкупната потрошувачка, 45 отсто се во САД, 25 отсто во Кина и 15 отсто во Европа. ссм/

фото: архива/илустрација

Остани поврзан