Кинеските компании почнаа да ја прекинуваат продажбата на стоки во Русија поради падот на рубљата
- Британските медиуми пренесуваат дека од почетокот на ноември рубљата загуби околу 10 отсто во однос на јуанот и доларот, како и 7,5 отсто во однос на еврото, што беше најлош месечен курс за руската валута во последните две години.
Пекинг, 30 ноември 2024 (МИА) - Кинеските компании кои доставуваат стоки за широка потрошувачка во Русија почнаа да ја прекинуваат продажбата на платформите за е-трговија поради падот на рубљата, објави South China Morning Post, цитирајќи упатени во индустријата.
Според весникот, падот на руската валута на најниско ниво од март 2022 година ги загрижи кинеските претприемачи, особено оние кои тргуваа во рубљи.
Кина стана најголем трговски партнер на Русија и главен снабдувач на стоки за широка потрошувачка наместо западни компании.
Во Руската Федерација од Кина секој месец се увезува стока во вредност од 10-11 милијарди долари, што е двојно повеќе од пред почетокот на војната.
Повеќе од 50 отсто од стоките на платформите за е-трговија доаѓаат од Кина, а уделот на кинеските автомобили на пазарот на автомобили достигна 70 отсто.
Но, падот на рубљата донесе „сериозни загуби“ на кинеските извозници, изјави за SCMP Анди Гуо, основач на руската деловна платформа Waimaojia.
„Од една страна, девалвацијата на рубљата ги зголемува цените, ја ослабува желбата на руските потрошувачи за купување. Од друга страна, флуктуациите на девизниот курс ги „јадат“ маржите на кинеските извозници по плаќањето“, објаснува тој.
Вкупно, околу 150 илјади кинески продавачи ги нудат своите производи на Ozon, Wildberries и Yandex Market. Ситуацијата за нив е комплицирана поради проблемите со плаќањето, изјави операторот на една од платформите за тргување во Шенжен.
Според друг продавач, рубљите заработени во Русија може да се разменуваат само на црниот пазар, што е ризично.
Британските медиуми пренесуваат дека од почетокот на ноември рубљата загуби околу 10 отсто во однос на јуанот и доларот, како и 7,5 отсто во однос на еврото, што беше најлош месечен курс за руската валута во последните две години.
Како одговор на тоа руската Централна банка одлучи да ја удвои продажбата на јуани од резервите на пазарот - на 8,4 милијарди рубљи дневно, што малку ја „намали температурата“ на рубљата.
Во петокот курсот на јуанот падна за 1,5 отсто на 14,5 рубљи. Курсот на доларот падна на 106,5 рубљи, а еврото на 112,59 рубљи.сд/
фото:ЕПА