• петок, 05 декември 2025

Киев: Украина ја погоди нафтената рафинерија во Самара и руски команден пункт во Доњецк

Киев: Украина ја погоди нафтената рафинерија во Самара и руски команден пункт во Доњецк

Киев, 15 август 2025 (МИА) - Генералштабот на вооружените сили на Украина потврди дека украинските сили извршиле напад врз нафтената рафинерија во градот Сизран, во руската област Самара, и врз руски команден пункт во привремено окупираниот дел на Доњецката област, јави „Укринформ“.

„Како дел од напорите за намалување на руските офанзивни капацитети, денеска, во раните утрински часови, единиците на Специјалните операции, во координација со други одбранбени сили, погодиле повеќе важни цели на рускиот агресор, предизвикувајќи пожари и експлозии“, известуваат украинските медиуми.

Погодената рафинерија во Сизран, една од најголемите во системот на „Роснефт“, произведува широк спектар горива, вклучително и авионски керозин, со кој се снабдува руската армија.

Украинската армија, исто така, извести дека е извршен удар врз контролниот центар на 132-та одделна моторизирана бригада на 51-та армија на Руската Федерација во Енакиево, Доњецка област.

Нападите дојдоа само неколку часа пред самитот меѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, на Алјаска, на кој ќе се дискутира за војната во Украина, но без учество на Киев.

Според новите податоци на украинскиот Генералштаб, најголем дел од нападите во внатрешноста на Русија оваа година биле насочени кон нафтени рафинерии и објекти за складирање.

Украинските сили тврдат дека нивната кампања во длабочина има цел да ја намали способноста на Москва да води војна. Руските власти потврдија напад со дрон врз „индустриско претпријатие“ во Самарска област, а Министерството за одбрана соопшти дека биле соборени украински дронови над девет области.

Украина, исто така, соопшти дека вчера било погодено каспиското пристаниште Оља во Астраханската област, уништувајќи брод што превезувал делови за дронови и муниција од Иран.

Украинската армија проценува дека штетите од нападите оваа година достигнуваат 74,1 милијарди долари. ссм/

фото: Гугл мапи

Остани поврзан