• сабота, 23 ноември 2024

Кери: Треба да го направиме она што ни го кажува науката за да го спречиме глобалното затоплување

Кери: Треба да го направиме она што ни го кажува науката за да го спречиме глобалното затоплување

Дубаи, 6 декември 2023 (МИА) - Треба да го направиме она што ни го кажува науката, а научниците ни рекоа во 2018 година дека имаме дванаесет години да го спречиме глобалното затоплување, изјави денеска специјалниот пратеник на САД за климатски прашања Џон Кери на прес-конференција во Дубаи.

„Делегацијата на САД дојде овде со една цел - да ја следи науката и да го направи она што е потребно за да се постигне целта - зголемувањето на просечната температура на Земјата да се задржи на 1,5 степени Целзиусови“, рече Кери.

Тој истакна дека критичарите велат дека Парискиот договор за климата пропаѓа, но „пред тоа имавме температури покачени за 1,7 степени и повеќе, а немавме договор“.

Кери укажа на досегашните успеси на дваесет и осмата конференција на страните на Рамковната конвенција за климатски промени, која започна на 30 ноември во Дубаи, ОАЕ.

Тој потсети дека веќе на првиот ден од форумот е постигнат договор со кој е ставен во функција фондот за обнова во врска со климатските промени.

Меѓу успесите Кери ја посочи декларацијата за нуклеарна енергија, која обедини дваесет и две земји на четири континенти, декларацијата за тројно зголемување на енергијата од обновливи извори и за удвојување на енергетската ефикасност, меѓународната стратегија за нуклеарна синтеза објавена вчера во Дубаи, договорот да не се градат нови централи за јаглен во иднина, зголемувањето на финансиите за климата, посветеноста на САД да придонесат со три милијарди долари во климатскиот фонд.

Тој ги истакна резултатите од билатералните преговори со Кина, кои претходеа на КОП28, и заложбите на Пекинг за намалување на штетните емисии. Кери потсети дека Кина е најголемиот производител на обновлива енергија во светот и најголемиот работодавач во светот во оваа област.

Кери рече дека САД немаат „црвени линии“ во преговорите за КОП28 и дека се подготвени да ги разгледаат сите предлози за различните документи што ги дискутираа земјите на форумот.

„Овде, во Дубаи, глобалната анализа ќе ни овозможи да разбереме што сме направиле досега, да можеме искрено да го измериме постигнатото и да имаме визија за патот напред. Науката ни кажува дека треба да ги запреме штетните емисии во атмосферата, за да ги запреме климатските промени, а не ни кажува како. Затоа, велиме дека за да се постигне оваа цел мора да има одредено отпуштање на фосилните горива. Сепак, резултатот ќе биде мешавина од различни мерки и напори, рече Кери како одговор на прашање на Гардијан дека султанот Ал-Џабер, кој претседава со КОП28 и е претседател на Националната нафтена компанија Абу Даби, бил категоричен дека не може да се зборува за откажување од фосилните горива. паг/

Фото: ЕПА

 

 

 

Остани поврзан