• сабота, 23 ноември 2024

Кај уапсените Косовци поради шпиунажа во корист на Србија пронајдено оружје, муниција и гас-маски

Кај уапсените Косовци поради шпиунажа во корист на Србија пронајдено оружје, муниција и гас-маски

Приштина, 6 јуни 2024 (МИА) – Косовската полиција објави денеска дека при претресот на имотите на двајцата осомничени за шпиунажа во корист на Србија, кои беа уапсени вчера во градот Урошевац, пронашла, меѓу другото, оружје, муниција, маски и војнички гас-маски, јави дописникот на МИА од Приштина.

Уапсените косовски Албанци, Бедри Шабани и Мухарем Ќерими, според извори од косовската полиција, работеле за структури на српската разузнавачка служба внатре во Косово, односно соработувале со Безбедносно-информативната агенција на Србија – БИА.

„При претрес на локациите на двајцата осомничени, машки лица од Косово, пронајдени се и како материјални докази одземени различни документи, компјутери, телефони, УСБ, ДВР, касети, оружје и муниција, маски, војнички гас-маски и многу други докази. Двајцата осомничени се приведени и со решение на обвинител им е е одреден притвор“, се наведува во 24-часовниот извештај на косовската полиција.

Според медиумите, едниот од упасените, Шабани, бил царински службеник во периодот 1990-99 година, додека по војната продолжил да ја врши функцијата цариник во времето на администрацијата на Мисијата на Обединетите нации во Косово, УНМИК. Другиот осомничен, Ќерими работел како службеник во косовската полиција, до кратко време по прогласувањето на независноста на Косово во 2008 година.

Шабани, како соработник на БИА уште од 90-тите, според извори на порталот „Газета експрес“ од косовските разузнавачки служби, имал задача да собира информации и истите да ги фабрикува со цел да го наруши имиџот на Косово преку градење исти наративи со Србија во контекст на промена на историски факти од конфликтот во 1998-99 година.

Уапсените, според изворот на „ГЕ“, со години биле следени од косовските безбедносни институции.

Исто така, изворот тврди дека приведените му рапортирале на офицерот на српската тајна служба Срѓан Росиќ, кој живеел во Урошевац во 90-тите, а чие име се споменало и во судењето за воени злосотрства на поранешниот срспки лидер, Слободан Милошевиќ во Трибуналот во Хаг.

Српската БИА вчера преку соопштение негира дека имала било каква врска со уапсените во Урошевац.иа/

Остани поврзан