• среда, 27 ноември 2024

„Кајмак“ на Милчо Манчевски од 17 ноември премиерно во целата држава

„Кајмак“ на Милчо Манчевски од 17 ноември премиерно во целата држава
Скопје, 14 ноември 2022 (МИА) - На големата сцена во Македонската филхармонија на 16 ноември во 20 часот ќе се одржи гала премиера на филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски. Веќе следниот ден премиерно ќе почне да се прикажува во речиси 30 градови низ земјава. „Кајмак“ минатиот месец имаше светска премиера во Токио, а потоа се прикажуваше и во рамките на Филмскиот фестивал „Златен коњ“ во Тајпеј. Во филмот играат Сара Климоска, Камка Тоциновски, Александар Микиќ, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ, Петар Мирчевски, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ратка Радмановиќ, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ и други. Македонски продуцент е „Банана филм“. Продуцентот Јане Ќортошев на денешната прес-конференција по повод премиера на филмот, посочи дека направиле напори „Кајмак“ да игра во секое кино во целата држава, каде што за тоа има техничка можност. - Секаде каде што имаше мало, големо проекторче или вистински проектор како за на кино, таму ќе може да се погледне „Кајмак“. Од Скопје до Гевгелија, од Тетово, Гостивар, до Штип, Радовиш, Свети Николе, Богданци, Македонска Каменица, Прилеп.., буквално во цела Македонија. Истото го направивме и со „Врба“ и тоа е она што треба да се направи кога станува збор за македонски филм, рече Ќортошев. Режисерот и продуцент Милчо Манчевски на прес-конференцијата напомена дека успеале да реализираат филмот премиерно да се прикажува во исто време во целата држава. Тој се надева дека на луѓето ќе им значи филмот, потенцирајќи дека не мора да го сакаат филмот, туку доволно е само да ги „разбуди“. - Важно е да и дадеме на публиката можност да го види филмот, затоа што во крајна линија луѓето платиле филмот да се направи. Целта е да создадеш нешто убаво што ќе го оплемени човекот, ќе го натера да размисли малку, да има побогати емоции, барем во моментот додека го гледа филмот, рече режисерот. Според Манчевски, секое добро уметничко дело ја кани публиката да го гледа светот, барем на кратко, со поинакви очи. - Така и „Кајмак“ ја кани публиката не само да го види светот со поинакви очи, туку да не суди. Наместо тоа, да сочувствува со ликовите, иако сите тие во исто време се и жртви и душмани, појасни режисерот. Актерката Ана Стојановска, која го игра ликот на Виолетка, рече дека премиерата во Токио било одлично искуство. - Црвениот тепих во Токио сам по себе беше возбудлив. Филмот по се изгледа им се допадна многу на Јапонците, но и за мене и Сара, бидејќи таму првпат го гледавме филмот. Го забележавме суптилното смеење на Јапонците за време на гледањето на филмот. Толку им се допадна филмот, што не следеа целиот кварт подолу по премиерата, за да може да се сликаат со нас, додаде Стојановска. Актерот Александар Микиќ, кој го игра ликот на Карамба, рече дека тоа е прекрасно напишан лик во кој може да се пронајдат многумина. - Голем предизвик беше за мене да го играм ликот на Карамба, но од друга страна ми беше и лесно, затоа што е предобро напишан. Со Милчо се „кликнавме“ заедно уште на пробите, се надополнувавме и го градевме ликот заедно цело време. Инаку, Карамба постои. Не како конкретен човек, туку во однос на тоа дека многу луѓе можат да се пронајдат во него, објасни Микиќ на прес-конференцијата. Според актерката Камка Тоциновски, која го игра ликот на Ева, токму овој лик е тој што излегува од своја оска и го губи правецот. - Ева излегува од своја оска и го губи правецот. Ако знаеме дека среќата е некакво внатрешно чувство, тогаш Ева можеби и би можела да биде среќна, само таа едноставно нема време за тоа, објасни актерката Тоциновски. Актерката Сара Климоска, која го толкува ликот на Тоста, на прашање зошто овој лик секогаш е на дното во општеството, објасни дека тоа е затоа што Тоста никогаш во животот немала можност да покаже своја волја. - Тоста никогаш во животот немала можност да покаже своја волја, своја желба или своја пасија. Таа прифатила дека едноставно таков е животот, другите ќе одлучуваат за неа. Во првиот момент кога сфаќа дека може да ги земе работите во свои раце и дека може сама да одлучува, го користи тоа максимално, вели Климоска. „Кајмак“ е црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот. Филмот на Манчевски е безмилосна критика на малограѓанското лицемерие и апотеоза на индивидуалната слобода. бт/сп/

Остани поврзан