• сабота, 23 ноември 2024

Европска премиера на „Кајмак“ на Манчевски на „Фантаспорто“ во Португалија и на ФЕСТ во Белград

Европска премиера на „Кајмак“ на Манчевски на „Фантаспорто“  во Португалија и на ФЕСТ во Белград

Скопје, 24 февруари 2023 (МИА) - Филмот „Кајмак“ на македонски режисер Милчо Манчевски на 2 март ќе има премиера како еден од деветте филмови во главната конкуренција на 43. издание на Меѓународниот филмски фестивал „Фантаспорто“ во португалскиот град Порто.

Во исто време, „Кајмак“ е во главната програма и на 51. издание на ФЕСТ во Белград, еден од најважните филмски настани во регионов. По првата проекција на филмот, на 3 март, предвидени се уште две – на 4 и на 5 март.

Минатата година „Кајмак“ имаше проекции во кината низ 30 градови во земјава.

Досега Манчевски беше три пати лауреат на Фантаспорто: во 2020 година, „Врба“ ја освои наградата „Мануел де Оливеира“ за Најдобар филм во програмата Недела на режисерите. Во 2017 година, неговиот филм снимен во Њујорк, „Бикини Мун“ ја освои Специјалната награда на жирито во истата програма Недела на режисерите, а во 2016 година Манчевски доби Награда за кариера при што имаше и ретроспектива на неговите филмови во Порто.

Филмот на Манчевски „Кајмак“ е македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж. Главните улоги ги толкуваат Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциноски, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски. Директор на фотографија е Улрик Боел Бенцен, дизајнер на продукција Дејвид Манс, монтажер Емил Нунинга, а композитори се Данскиот гудачки квартет. Продуцент е Јане Ќортошев, а извршен продуцент Иан Прајор. Копродуцент на филмот е Македонската радио-телевизија.

Филмот ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио во ноември 2022 година. Веднаш потоа беше прикажан и на Филмскиот фестивал „Златен коњ“ во Тајпеј, Тајван, а по гала премиерата во Македонската филхармонија, „Кајмак“ почна истовремено да се прикажува низ целата држава. бт/сп/

Остани поврзан