• недела, 15 декември 2024

Кац: Кој ќе тргне по стапките на Асад ќе заврши како него

Кац: Кој ќе тргне по стапките на Асад ќе заврши како него

Тел Авив, 10 декември 2024 (МИА) - Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, денеска ги предупреди сириските бунтовници дека кој од нив ќе тргне по стапките на поранешниот сириски претседател Башар Асад ќе заврши како него.

Кац денеска соопшти дека израелските ракетни бродови во операцијата што ја извеле во текот на изминатата ноќ ја уништиле сириската воена флота, како дел од широката кампања за елиминирање на стратешките закани за земјата.

-Израелските одбранбени сили дејствуваа во текот на изминатите неколку дена за да ги нападнат и уништат стратешките способности кои се закануваат на државата Израел, рече Кац, додавајќи дека на екстремистичкиот исламистички терористички ентитет нема да му биде дозволено да дејствува против Израел надвор од своите граници.

При посетата на поморската база во Хаифа, во северниот дел на Израел, само еден ден откако сириската флота беше уништена со проектили истрелани од воени бродови, министерот Кац ги информирал високите офицери како е извршена операцијата, пренесоа израелските медиуми.

-Ќе направиме се што можеме за да ја елиминираме таа закана, рече Кац, заканувајќи се дека секој ентитет што претставува закана за Израел ќе биде гаѓан без пардон.

Тој повтори дека ИДФ создава демилитаризирана зона, без постојано израелско присуство, надвор од тампон зоната што ја зазедоа во граничната област.

Кац објасни дека израелските сили се распоредени во тампон зона помеѓу Сирија и израелскиот окупиран дел од Голанската висорамнина и дека наредил создавање „стерилна одбранбена зона“ во јужна Сирија за да се елиминира каква било терористичка закана за еврејската држава. сд/

Остани поврзан