• среда, 25 декември 2024

Кацарска: Новинарите можат да влегуваат со мобилни телефони, судот максимално ќе го отворам за јавноста

Кацарска: Новинарите можат да влегуваат со мобилни телефони, судот максимално ќе го отворам за јавноста
Скопје, 15 јуни 2021 (МИА) - Бев изненадена кога слушнав дека на вас новинарите ви е забрането да влегувате со мобилни телефони на седниците на Судот. Тој проблем е решен, кога дознав за тоа веднаш дадов налог на генералниот секретар и веќе е известено внатрешното обезбедување дека од наредната седница ќе влегувате слободно со вашите мобилни телефони, изјави денеска претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска. Таа во изјава за медиуми по повод одржување на тркалезната маса на тема „Транспарентност и соработката на Уставниот суд со новинарите и граѓанските организации“, посочи дека Судот максимално ќе го отвори за јавноста. - Точно е дека Судот е максимално затворен, точно е дека во последниве години наместо да се оди на отворање на Судот, се повеќе се затвораше. Затоа барав да ме информираат дали е донесена некоја одлука, заклучок, било што од страна на судиите на Уставниот суд, но ми кажаа дека нема одлука, едноставно било кажано дека веќе новинарите не смеат да користат мобилен телефон, како што реков тоа е веќе завршено, посочи Кацарска. Претседателката на Уставниот суд појасни дека е отворена за соработка и дека ќе најде начин Судот да биде отворен, бидејќи како што рече, јавноста мора да знае за неговата работа. - За се друго отворена сум за соработка, се надевам дека ќе најдеме начин и барам од вас помош да ми кажете што е проблемот, каде вие наидувате на проблем со Уставниот суд и да видам што може да се направи за да судот максимално се отвори, додаде таа. Прашана дали истото важи и за камерите, Кацарска рече дека ова прашање ќе го истакне на првиот колегиум, а ќе го види и искуството на европските судови. - Ова прашање околу камерите ќе го истакнам на првиот колегиум, ќе разговарам со колегите, и секако би сакала да го видам и искуството на европските судови, како е кај нив, дали е дозволено со камери да се следи судењето целосно, доколку постојат такви искуства, секако дека и тоа ќе го дозволам, појасни Кацарска. Таа посочи дека исто така ќе се разговара и околу делот за предметите, јавноста да има увид во повеќе информации и да знае точно за кој предмет станува збор. - Некои новинари ми кажаа дека имате проблеми и во поглед на предметите кои се закажни за седница, наводно не можете да се снајдете да знаете за кој предмет станува збор, таму стојат броевите на предметите. И во тој дел сакам да се среди во смисла да има повеќе информации за да вие претходно знаете точно за кој предмет станува збор, кој е подносител на таа иницијатива, која одредба е во прашање и слично. Се што е спорно ќе го средуваме.Ви ветувам дека судот максимално ќе го отворам за јавноста, додаде Кацарска. Во однос на прашањето околу тоа дали во моментов работат само шест судии, Кацарска посочи дека генерално судот може да функционира и со пет судии. Во оваа ситуација сега работат шест судии, но проблем ќе биде, како што рече, ако на гласање не обезбедат пет гласа. - Судот може да функционира дури и со пет судии. Во оваа ситуација имаме шест судии, може да функционираме. Проблем ќе биде ако на гласање не обезбедиме пет гласа. Инаку, веќе имаме закажано седница за во четврток и тековните работи ќе се работат. Ќе има новини во Уставниот суд, сметам дека многу работи треба да се сменат и работи кои не се направени треба да ги направиме, додаде таа. Маргарита Цаца Николовска, претседателка на Институтот за човекови права денеска пред почетокот на тркалезната маска изјави дека државата не смее да си дозволи судот да работи со шест судии. - Колку повеќе има судии кои за одредена ситуација се произнесуваат, толку е поприсутно владеење на правото и презентирање на она за што размислуваат судиите, и дава можност да не се шпекулира со одредени ситуации и со одредени сознанија, посочи Николовска. Инаку, денешната тркалезна маса е дел од втората сесија наменета за новинарите, со цел да се отвори транспарентноста како проблем, во однос на работењето на Уставниот суд. Третата сесија се однесува на соработка со невладиниот сектор. Во првата сесија присуствуваа судиите на Уставниот суд - сегашни, поранешни, лица од академска фела, меѓународни судии, во насока да се презентира работата на Уставниот суд. - Како завршница на целиот овој проект се прави длабинска и суштинска анализа на работењето на Уставниот суд, ние претходно правевме една функицонална анализа и во таа анализа треба да бидат вклучени и оние проблеми кои и денеска ке бидат презентирани, но и препораки како тие проблеми да бидат разрешени се со цел Уставниот суд да ја оставрува својата фунцкија на најсоодевтен начин, рече Николовска. бт/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан