Кафуле во Париз нуди можност да пратите писмо до себеси во иднина
- При можна промена на адресата, „Кафе Пли“ нуди и ажурирање на личните податоци преку нивната интернет-страница.
![Кафуле во Париз нуди можност да пратите писмо до себеси во иднина](https://mia.mk/index.php/images/20250211093838_big_730x400_54.webp )
Париз, 11 февруари 2025 (МИА) - Кафуле во Париз, покрај вообичаеното кафе и кроасан, ќе Ви понуди и можност да си испратите писмо и разгледница до себеси во иднина. И, сѐ тоа - за доста пристапни цени.
Пишувањето писмо до своето идно, поискусно јас, се вели, може да се искористи како алатка за самопреиспитување и личен раст. А, откако ќе го напишете писмото, може да го добиете и само за една, но и за пет или 20 години. Така, „гостите имаат прилика да си ги отворат своите срца и да ги споделат мислите“ со себеси, појаснуваат од „Кафе Пли“ - првото вакво кафуле во Франција.
Идејата и концептот, основачот Женевјев Ландсман, всушност, ги открил за време на патување во Јужна Кореја, па решил да ги пренесе во француската престолнина.
Исто така, доколку сакате, наместо себе - да испратите писмо до саканата, или друга личност - и тоа е можно.
Кафулето брзо стана светски познато, а неговата популарност дополнително ја зголеми објавата на американската „инфлуенсерка“ Мелиса Амала, чие видео собра повеќе од половина милион прегледи.
Како функционира овој концепт во ова уникатно кафуле? Гостинот, на пр. има и разни пенкала, налепници и картички со инспиративни прашања достапни за да му го олеснат пишувањето. Кога ќе го напишете писмото, тоа се става во плико, cе запечатува со восок и се става во една од кутиите во кафулето. Ако сакате да го добиете писмото во рок од една година, може да го изберете и точниот датум на пристигање. Меѓутоа, ако одлучите да чекате подолго - пет или 20 години, писмото ќе го добиете на почетокот на таа година.
Дали писмото ќе се изгуби? Вработените во кафулето тврдат дека писмата се чуваат на безбедно место и се организирани според датумот на испраќање.
При можна промена на адресата, „Кафе Пли“ нуди и ажурирање на личните податоци преку нивната интернет-страница.
Цените, инаку, зависат од времето на испорака и дестинацијата: Писмо коешто треба да стигне во рок од една година чини 15 евра; Ако треба да го добиете за пет години - 25 евра; За 20 години, цената е 45 евра. Доколку испраќате писмо вон Франција, ќе доплатите четири евра. си/
Фото: Пиксабеј