• сабота, 23 ноември 2024

Катимерини: По најголемиот изборен пораз, Ердоган повеќе не е непобедлив

Катимерини: По најголемиот изборен пораз, Ердоган повеќе не е непобедлив

Атина, 1 април 2024 (МИА) - Претседателот Реџеп Тајип Ердоган на вчерашните локални избори во Турција го претрпе најголемиот изборен пораз и повеќе не е непобедлив во турската политичка арена, се вели во анализата што денеска ја објави грчкиот весник Катимерини.

Како што е наведено, не е само загубата на три града - Истанбул, Анкара и Измир, туку и тоа што по првпат од 1977 година на национално ниво доминира опозициската Републиканска народна партија на Мансур Јавас, сегашната и очигледно идниот градоначалник на Анкара.

Во анализата се додава дека Ердоган ја платил цената за лошата состојба на економијата, која се влоши во изминатите шест месеци, и оти мора да биде загрижен бидејќи досега се сметаше дека е најсоодветен за управување со проблемите на земјата, дури и ако тој ги предизвикал.

„Сега се чини дека значителен дел од неговите сонародници му вртат грб“, наведува „Катимерини“ во анализата.

Во Истанбул, Ердоган беше соочен со својот избор од минатото за намалување на просечната возраст за пензионирање, што им го олесни примањето пензија дури и на помладите од 50 години, што резултираше со тоа што 30 отсто од гласачите во најголемиот турски град спаѓаат во оваа возрасна категорија. Но тие не гласаат за власта, бидејќи таа не може да им вети зголемување на пензиите.

Тој сега има доволно време да ги одмери своите опции до следните избори во 2028 година, а двете главни прашања се дали ќе ја промени својата економска политика и до кој степен повторно ќе се сврти кон националистите и како тоа ќе влијае на надворешната политика.

Весникот оценува дека со оглед на тоа дека Ердоган сега е ослабен, неговиот простор за маневрирање е намален, особено против оние што се сметаат за неопходни, како што се САД.

„Дури и да ја заостри својата реторика кон Грција, ограничувањата што произлегуваат од новиот политички пејзаж во однос на неговиот однос со Западот речиси ја забрануваат авантурата. И, се разбира, многу луѓе во странство сега се среќни што Ердоган политички се „собра“ и веќе не му е така лесно да ја наметнува својата агенда. Меѓутоа, ситуацијата во Кипар станува се позагрижувачка, бидејќи турскиот претседател обезбеди поголем степен на толеранција од Западот и ова прашање е омилена тема во националистичките кругови во Турција. Затоа, потребна е голема грижа и за таа цел мора да се испрати јасна порака до Анкара дека Атина нема да го прифати обидот да се стави Кипар пред свршен чин“, се наведува во анализата. ссм/

фото: архива

 

 

Остани поврзан