• среда, 27 ноември 2024

Катедра за македонски јазик и лекторат на Универзитетот во Анкара

Катедра за македонски јазик и лекторат на Универзитетот во Анкара
Скопје, 10 ноември 2022 (МИА) - Со прв, промотивен час што вчера се одржа на Факултетот за јазици, историја и географија, почна да работи Катедрата за македонски јазик со лекторат на Универзитетот во Анкара.  Новиот лекторат е отворен по речиси 15 години од претходно отворениот - на Универзитетот во Риека. Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) соопшти ддека е постигнат успех од историско значење за македонистиката. -  Започнуваат со работа нова македонистичка катедра и нов лекторат по македонски јазик на странски универзитет – на престижниот Анкарски универзитет во Турција. Вчера, салата на Факултетот за јазици, историја и географија на Анкарскиот универзитет беше мала за да ги собере сите кои беа заинтересирани да го проследат првиот промотивен час по македонски јазик. Ова е конкретна потврда дека залагањата и вложувањата за интензивирање и унапредување на соработката со странските високообразовни и научни институции веќе даваат забележливи резултати во развивањето на македонистичките студии во странство, сега и со отворање нови странски македонистички центри, истакнува директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Покрај голем број студенти, на предавањето  присуствуваа и членови на Здружението на Турци по потекло од Македонија, заинтересирани да го изучуваат македонскиот јазик. Часот го одржа лекторот Дарко Темелкоски, а организацијата на настанот беше координирана од раководителката на Катедрата за македонски јазик, проф. д-р Мелахат Парс, која  нагласи дека на Анкарскиот универзитет може да се очекува голем интерес за македонистиката.  -Со отворањето на Катедрата за македонски јазик под раководство на проф. д-р Мелахат Парс, во чии рамки е и Лекторатот по македонски јазик на Анкарскиот универзитет, македонистиката веќе е присутна на два водечки универзитета во Турција. На Факултетот за литература на Истанбулскиот универзитет, македонскиот јазик, литература и култура се изучуваат веќе 36 години во кои непрекинато работи Катедрата за македонски јазик која сега ја раководи проф. д-р Туркан Олџај, која заедно со раководителката на Одделот за славистика, проф. д-р Емине Инанир и со лекторката по македонски јазик, д-р Габриела Ивановска, успеаја од годинава македонскиот јазик да го стават на листата јазици што може да го изучуваат сите студенти на Универзитетот, информира МСМЈЛК при УКИМ. хс/са/ 

Остани поврзан