• среда, 27 ноември 2024

Касами: Ќе почне да се гради филтер станицата за отпадни води за Тетово

Касами: Ќе почне да се гради филтер станицата за отпадни води за Тетово

Тетово, 27 декември 2023 (МИА) - Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами на прес-конференција објави дека Сектор за централно финансирање и склучување на договори при Министерство за финансии го објави тендерот со кој ќе почне да се гради филтер станица за отпадни води, примарна и секундарна канализациона мрежа за градот и селата во рамките на општината. Тој оцени дека овој проект кој е инициран во 2014 година немал поголема поддршка од неговите претходници, а неговата администрација успеала да го придвижи проектот.

- Претходните раководители на општината, во два мандати, освен апликација и подготовка на проектите, не презедоа никакви натамошни чекори во насока на следење на процедурите за успешно затворање на овој проект, оставајќи го пред неуспех и не давајќи никаков отчет пред граѓаните и пред меѓународните институции кои се многу строги во овој поглед. Со нашето доаѓање на чело на Општина Тетово, веднаш ги започнавме процедурите за продолжување на овој многу витален проект за Тетово и за околните села, за на крајот да го решиме проблемот со канализацијата во Тетово и селата вклучени во овој проект, истакна Биљал Касами.

Тој образложи дека со претставници на Европската делегација, Министерството за финансии и екологија било побарано од нив да го завршиме процесот на експропријација на имотите во деловите каде што ќе поминува колекторот. Општината постапила и околу 1.400 предмети за експропријација се доставени до Министерството за финансии, односно до Дирекцијата за имотно правни работи.

- Во рекордно време, на ова се работеше само неколку месеци, додека претходното раководство пет години не успеа да реши ниту еден предмет, затоа што целта им беше да ги крадат граѓаните, а не да направат нешто добро за нив како и за жителите на околните села. Замислете, ги имаа на располагање сите механизми да го реализираат овој европски проект навреме, но гледаа само на нивниот личен интерес и огромни придобивки. Нема да застанеме само со овој голем проект, туку ќе продолжиме да аплицираме до сите релевантни европски и меѓународни институции за да се подобри инфраструктурата во Општина Тетово и да се обезбеди подобар живот на граѓаните. Сакам да им се заблагодарам и на граѓаните кои соработуваа со нас околу експропријацијата на нивните имоти, и што сфатија дека овој проект е од витално значење за сите нас, истакна Касами.

Градоначалникот рече дека три месеци ќе трае процедурата за доставување на документи и понуди, потоа следи тримесечен период за евалуација, по што ќе следи избор на фирмите кои ќе работат. По изборот и еден месец за подготовка фирмите ќе имаат рок од две години за реализација.

Старата тетовска депонија во близина на Фалише која се расчистуваше во 2019 година е местото предвидено за пречистителна станица за отпадни води. Расчистувањето на депонијата се направи со финансирање од Владата на Кралството Норвешка. За градење на пречистителната станица, два колектори и нови канализациски мрежи добиени се средства од ИПА фондовите во висина од 30 милиони евра. ас/сст/


фото МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан