• сабота, 23 ноември 2024

Касами бара одговорност од Обвинителството за судскиот процес за пожарот во модуларната болница во Тетово

Касами бара одговорност од Обвинителството за судскиот процес за пожарот во модуларната болница во Тетово

Тетово, 16 август 2023 (МИА) - Претседателот на Движење Беса и градоначалник на Тетово, Биљал Касами денеска на прес-конференција побара одговорност од Обвинителството за судскиот процес за пожарот во модуларната болница каде 14 луѓе ги загубија животите. Според него, системот на три пати ги убива тие 14 лица.

- Изгубените животи во модуларната болница во Тетово и членовите на нивните семејства трипати беа убиени од неправдите и скандалозните одлуки на овој систем, кој сам никогаш не донесе правда. Првиот пат беа убиени затоа што ги криеја вистинските виновници за овој случај. Вториот пат беа убиени затоа што политичката и корумпирана правда и ги казнуваше оние кои би можеле да бидат најмалку одговорни во овој случај. Третиот пат ги убивте кога Министерството за здравство на чело со Фатмир Меџити и предложи на Владата да ги исплатат преостанатите финансиски средства на главниот виновник компанијата, БРАКО, која наместо да биде казнета, беше наградена со народни пари, рече Касами на партиската прес-конференција.

Касами побара одговорност од обвинителите, затоа што, според него, никогаш во судската постапка не биле земени предвид наодите од истрагите од извештајот на форензичкиот тим на германски експерти и наодите на електроинженерот од овој случај.

- Во своите извештаи наведуваат дека кабелот се запалил поради немање соодветна и правилна инсталација која ја изведе компанијата БРАКО и дека причината за Модуларната болница која се запали и изгоре во рекордно време е затоа што конструкцијата и материјалот од кои е направена, беа несоодветни и со лош квалитет. Јавно ги прашуваме обвинителите на овој случај, на чело со поранешниот прв главен обвинител Јовески и неговиот наследник Јосифовска, зошто за време на судењето за овој случај никогаш не биле земени предвид извештаите и контактите на германскиот тим за судска медицина, а во исто време и на електроинженерот кој како основа во своите извештаи ги посочуваат вистинските и главните виновници за оваа трагедија, а тоа е фирмата на поранешниот вицепремиер Анѓушев, за несоодветната работа извршена според тендерските спецификации на предметната модуларна болница, рече Касами.

Тој, како што рече, упатува сериозен и силен апел до органите на правдата.

- Не си играјте со емоциите на членовите на семејствата во оваа трагедија која однесе 14 жртви: Осудете ги вистинските виновници според неутрални и стручни извештаи и сознанија за овој случај. Нарачател на оваа модуларна болница е Владата, поточно Министерството за здравство на чело со Венко Филипче и градителот на проектот, а тоа е фирма на поранешниот вицепремиер Анѓушев. Овој случај не може да се затвори како несреќа, туку мора правите виновници да одговараат не ги кријте, кога веќе целата јавност знае кои се, истакна Касами.

На прес-конференцијата Касами беше придружуван од Артан Етеми, кадар на Движење Беса, кој беше поранешен економски директор на Клиничка болница и беше условно осуден за пожарот во модуларната болница. ас/цр

Фото: МИА 

 

Остани поврзан